Уште во март, април месец кога апелиравме за зголемена имунизација по пат на вакцина, наместо да трчаат по провизии, требаше да трчаат по светот по вакцини, да има доволен број на вакцини за да може луѓето да се имунизираат, вклучително и тие кои работат во образованието, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за „Тема на денот“ во дневникот на Сител ТВ.
Мицкоски вели дека врз основа на достапните информации од владата некаде околу милион дози се аплицирани, и имајќи предвид дека тоа е четвртина од потребните дози, тоа е фијаско и ние сме на дното по имунизација по пат на вакцина во Европа, како што бевме на врвот по починати од КОВИД-19.
– Вакцинацијата во Европа започна во декември, а кај нас 5 месеци потоа, а најавуваа од јануари, за потоа да чекаме донации од други држави и процесот на вакцинација да започне кога огромен дел од граѓаните одеа во Србија и други земји да се вакцинираат заради неспособноста на министерот и владата, нагласи Мицкоски.
Тој посочи дека партијата го поддржува секое право на граѓаните кои сакаат да изберат и да живеат, и тоа е уставно загарантирано, а истовремено ги охрабрува граѓаните да се имунизираат по пат на вакцина, но не на ваков начин како што го прави владата по пат на репресивни мерки туку преку стимулативни мерки.