Буџетот е предимензиониран е не соодветствува на реалната економска состојба во државава, смета претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски откако Владата вчера го усвои Предлог-буџетот за 2023 година.
Според опозицискиот лидер, предимензионирани се расходите и веќе во првата година, како што рече, Владата го крши правилото на буџетскиот дефицит, којшто претходно го усвои Парламентот со Законот за буџет, односно е поголем од 3 проценти како што е таму дефинирано.
-Со тоа уште еднаш го покажуваат својот лажлив карактер. Користат исти два збора – „златно правило“ како минатата година. Бесими за буџетот за 2022 „златното правило“ го поврзуваше со капиталните инвестиции и најави нивно рекордно ниво, 38 милијарди денари, кои со ребалансот ги намали на 32 милијарди денари, а моменталната состојба на капиталните инвестиции е 14 милијарди денари… Истото сега го најавуваат за догодина, со истите зборови, само сега тоа го прави Ковачевски и вели „златното правило при капиталните расходи“, и најавува не 32 или 38 туку 49 милијарди денари. Тоа е повторно уште една лага и истата манипулација како минатата година. Треба на граѓаните јасно и гласно да им каже дека буџетот е наменет исклучиво за крадење, бидејќи таа е последната година од нивната власт, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Прилеп.