Ќе покажеме дека политичарите без разлика кои да се, не ги поседуваат гласачите во џебот, туку треба макотрпно и деноноќно да работат за да ја заслужат довербата на гласачите и на граѓаните. Да бидат слуги на народот, јас вечерва такви слуги гледам овдека пред мене на народот , луѓе кои што ќе бидат дел од победничкиот Совет во Општина Кочани, и новиот градоначалник на општина Кочани Љупчо Папазов. Тоа се луѓето кои што ќе му слугуваат на народот, доста е од салонски политичари кои што газат по дебели црвени килими и залегнати седат во кожни фотелји, истакна Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на митингот во Кочани.
Мицкоски додаде дека треба луѓе кои што ќе бидат слуги на народот и кои што ќе му служат на народот.
„Кога зборуваме за патриотизмот, сакам да зборувам за заеднички успеси, да ги вратиме добрите луѓе кои што се иселија од нашата Македонија дома, за тоа што дома каменот тежи. Заеднички патриотизам е да бидеме без предрасуди, да го победиме криминалот, корупцијата и неправдите. Заеднички патриотизам е народот да има повеќе пари во џебот, да има повеќе можности за развој, да донесеме инвестиции, да отвориме повеќе работни места. За тоа драги пријатели потребна е нова иднина, потребни се промени“, нагласи Мицкоски.
Мицкоски посочи дека се потребни и проекти, но и победи.
„Заедно да победиме на 17-ти октомври. Сето ова кое што јас го зборувам сега, сето ова е содржано во програмите на идните градоначалници од победничката коалиција „За обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ“, заклучи Мицкоски.