четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Мицкоски: Годинава како никогаш досега македонските работници се понижени и обесправени

Мицкоски: Годинава како никогаш досега македонските работници се понижени и обесправени

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во лично и во име на партијата на сите граѓани им го честита 1-ви Мај, Меѓународниот ден на трудот. Посочува дека годинава како никогаш досега македонските работници се понижени и обесправени, а нивниот труд воопшто не е вреднуван.

-Наместо подобри услови за работа, повисоки плати, работниците во Македонија трпат секојдневни притисоци и добиваат откази во услови кога нивните трошоци за живот вртоглаво растат. Животот кој им се ветуваше, се претвори во беда и безнадежно секојдневие, мислејќи како до крајот на месецот да заврзат крај со крај. Токму во очи на 1-ви Мај – Денот на трудот, сведоци сме на закани, притисоци кон синдикатите и македонските работници како и попречување на уставното загарантирано право на штрајк. Власта преку тортура се обидува да ја покрие својата неспособност на работниците да им го испорача она кое што им следува по закон и да им ги покачи платите согласно растот на минималната плата. Пари за наставниците, администрацијата и останатите работници нема, но има милиони за владините функционери набавени преку матни тендери во 4 очи, но и за луксузирање со нов мебел, нови возила за министрите на грбот на македонскиот работник, вели Мицкоски.

Нагласува дека во меѓувреме животот станува се поскап, а над 500.000 македонски граѓани не можат да си дозволат барем еден оброк во денот, а растот на цените на горивото, електричната енергија и основните продукти само ја зголемува оваа бројка.

-Владата знаејќи 5 месеци за кризата, воопшто не помисли да ги заштити македонските работници и свесно дозволи да се продлабочи кризата. Така заради несериозноста, криминалот и неспособноста на власта, македонскте работници со своите ниски плати сега плаќаат поскапи бензини за повеќе од 80% и поскапа електрична енергија за 30%. Килограм шеќер за граѓаните е поскап 36%, килограм брашно поскапо 83%, додека литар масло за јадење е поскапо за 107%, а литар млеко е 47% поскап. Тоа е македонската реалност, наспроти празните зборови на власта дека во Македонија се живее убаво и дека успешно се справиле со кризата. Реалноста е дека имаме корумпирана влада и хибриден режи потврден од Фридом хаус. Итно е потребен излез од оваа безнадежна ситуација. Македонија повеќе не смее да тоне, националната катастрофа која ни ја приреди оваа влада не смее да продолжи. Потребно е национално обединување против корумпираната елита на власта и предвремени парламентарни избори за излез од кризата. Само така ќе дојдат подобри времиња, подобар стандард и вреднуван труд на македонскиот работник, вели Мицкоски.

Најнови вести