Професорот Марјан Бојаџиев во вечерашното гостување на ТВ21 истакна дека студентите на приватните универзитети се граѓани од втор ред и плаќаат во ЈСП многу повисока цена.
Тој вели дека ова прашање се покренало во времето на Коце Трајанов, а се обиделе да го решат и со Петре Шилегов.
Бојаџиев упати и конкретно прашање кон претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски околу тоа дали доколку утре биде Данела Арсовска градоначалник или ако не биде, дали нивните советници ќе се обидат да дадат еднаков статус на сите студенти независно дали се од државен или приватен универзитет.
-Еден од проектите на Данела Арсовска е токму бесплатен јавен транспорт за Скопје така што самото тоа кажува дека ќе нема потреба бидејќи секој кој ќе го користи јавниот транспорт ќе има можност да го користи бесплатно, појасни Мицкоски.
На прашање на модераторот за тоа колку ќе биде издржливо ова за ЈСП со оглед на тоа дека и сега се „дави“ во долгови, Мицкоски вели дека кога ќе се види криминалот што сега се случува во ЈСП ќе стане јасно како сето тоа е издржливо.
-Ако домаќински се работи и ако правилно се менаџира. Тоа не е кажано напамет, јас сум инжинер и точно знам за што станува збор, а и Данела доаѓа од бизнис секторот и точно знае што зборува, додаде Мицкоски.