вторник, 28. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Мицкоски: На изборите ќе излеземе со посебна стратегија која ќе опфати борба против иселувањето

Мицкоски: На изборите ќе излеземе со посебна стратегија која ќе опфати борба против иселувањето

Еден од клучните проблеми со кој се соочува земјава е токму иселувањето или јас тоа го викам белиот егзодус што и се случува на Македонија, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервјуто за Магазин.мк.

-Можам да кажам дека како професор на факултет срцето ми се кине кога гледам премногу добри кадри кои си заминуваат од земјава, а во кои ние како професорска фела сме вложиле толку многу да ги остручиме и да ги извадиме на вистинскиот пат. Но од друга страна ниту јас ниту било кој друг немаме право да ги осудиме поради нивниот избор да си заминат до земјава, затоа што тие со своите потенијали се барани на странските пазари, и едноставно државата не прави доволно да ги задржи во своите родни огништа. Скоро и да нема семејство во земјава од кое нема по еден раселен низ Светот. Ќе ве потсетам дека токму оваа власт беше таа која велеше дека ќе го сопре иселувањето, и секако се сеќавате на она редење на чевли пред владата како синоним за раселените лица. Со други зборови за иселувањето СДСМ збореше до моментот додека се всели во владината зграда и веднаш потоа заборави на оваа појава. Дополнително иселувањето не само што запре туку и се зголеми, вели Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека одредени податоци говорат дека за 3 години се иселени над 200 илјади граѓани, тоа се илјадници семејства кои затвориле домови и родни огништа тука низ Македонија.

-Дополнително да не говорам дека пак има и фрапантно лоши податоци за наталитетот во земјава, што посочува на тоа дека Македонија не само што ја губиме како држава, туку и се помалку не има како народ. Токму затоа на овие избори ќе излеземе со посебна стратегија која ќе опфати борба против иселувањето. Мора да си ги задржиме луѓето овде во своите родни огништа, но и воедно да создадеме услови тука сите оние кои се со планови да си заминат или повремено работат во странство, да се вратат и да почнат да градат иднина во Македонија. И тоа не опфаќа само сет мерки во економијата, туку и целосна обнова во образованието, здравството, екологијата, правниот систем, сигурноста која им е потребна на граѓаните. Мора да си ги вратиме нашите чеда во земјава и заедно да трасираме сигурен пат, нагласува Мицкоски.

Најнови вести