Коалицијата за подобра Македонија да се преименува во Коалиција за обнова на Македонија. Ова е предлогот кој лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го дал до коалиционите партнери, а едногласно бил прифатен.
-Тешки времиња се за жал денеска за сите граѓани во Република Македонија, после сето она што се случува еве веќе трета година по ред. Но добро е што конечно утврдивме дата кога ќе можат граѓаните практично да кажат и да одговорат на суштинското прашање дали навистина овие речиси три години блескаме или пак она што го зборувавме ние како опозиција дека тешко се живее, дека владее криминалот, дека практично арамилукот станува дел од нашето секојдневие е реалноста во нашата држава, рече Мицкоски и додаде:
„Денеска имаме состанок на Коалицијата, заедно со коалиционите партнери да ги информирам за она што се случуваше на последната лидерска средба која што ја имавме кај претседателот Пендаровски, за темите на кои што дискутиравме, за претстојните предвремени парламентарни избори. Но истовремено на предлог кој што беше од сите еднострано прифатен поради сериозноста на времињата, поради како што кажав на почетокот на оваа денешна изјава тешката реалност во која што живеат македонските граѓани, предложив на коалиционите партнери, Коалицијата „За подобра Македонија“ да се преименува во Коалиција „За обнова на Македонија“ и едногласно беше прифатено од страна на останатите партии, кои што се дел веќе на поранешната Коалиција „За подобра Македонија“, а од денеска ќе бидат дел на Коалицијата „За обнова на Македонија“.
На Македонија, подвлече тој, и е потребна обнова после, овој арамилук кој што се случува веќе трета година по ред.
-Ветуваме многу работа, ветуваме расчистување со сите оние криминалии кои што се провлекуваа во минатото, расчистување со сиот оној арамилук кој што годините наназад го следат македонското општество, ги следат граѓаните на Македонија. Ветуваме реформи во многу сегменти и меѓу кои враќање на владеење на правото, бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, нула толеранција за криминалот и корупцијата. А, потоа како секундарен и терцијален приоритет економски бум и она што го зборувавме Македонија технолошки тигар на Балканот. Тоа ќе бидат практично столбовите на кои што ќе се темели новата предизборна кампања на веќе новата Коалиција „За обнова на Македонија“.