Не прифаќаме асимилација не прифаќаме бришење на македонската историја, не прифаќаме бугаризирање на Гоце Делчев, на Дамјан Груев, на Јане Сандански, на Ѓорче Петров и на сите останати кои што со живот го платија тоа што денеска ние го живееме, а тоа е независна и суверена македонска држава, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за вестите на Сител пред денешниот протест „Ултиматум – Не благодарам“.
Мицкоски на политичарите кои се закануваат им порача дека не се плаши нити македонскиот народ, нити граѓаните се плашат од тие што се закануваат и дека само кукавица се заканува, а тој кој не е кукавица доаѓа тука пред народот и пред народот објаснува што е и како е.
– Така да тие кукавици кои се закануваат со меѓуетнички тензии сакам да им кажам дека овој народ одамна ги надрасна криминалците во политиката, и овој народ се бори за својот идентитет и овој народ е подготвен да се избори за својот идентитет, рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека власта за вековното предавство кое денес сака да го направат е поголемо од Коте од Руља нема да се заборави и ќе се помни, додека за консултации со министерот Османи кој денеска изјави дека ако не го прифатиме предлогот ќе има меѓуетнички тензии, Мицкоски порача дека со такви политичари кои се закануваат со меѓуетнички тензии во земја членка на НАТО нема намера ни да се поздрави, а камо ли да разговара.