Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска ги посети населените места Центар Жупа и Ростуше.
Мицкоски истакна дека најголемиот проблем со кој се соочуваат граѓаните во овие население места е токму иселувањето на луѓето, кои си заминуваат поради безперспективноста.
Тој посочи дека тука не минуваат приказните на Зоран Заев и Стево Пендаровски за некаква си розева слика и реалност и европската иднина која цело време ја ветуваат, но никако не може да ја донесат.
-Во Европа со амнестирани криминалци нема, во Европа нема со криминални иновации, со евро за Вицето и евро за црквата, вели тој.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека овие луѓе живеат жално секојдневие, а уште пожална е нивната иднина со Заев и СДСм на власт.
Мицкоски истакна дека државата пропаѓа и се уназадува на секое поле, младите масовно се иселуваат, а на овие црнила мора да им се стави крај.
-Затоа мора да се даде надеж, да се донесе правда, да се победи стравот и да се верува дека Македонија ќе успее. А ние заедно ќе го оствариме тоа, потенцираше тој.
Мицкоски се огласи и на Фејсбук по посетата на Центар Жупа и Ростуше.
– Бев во Центар Жупа и во Ростуше. Овде огромен проблем е иселувањето на луѓето и безперспективноста. Овде не поминуваат приказните на Заев и Пендаровски за некаква розева слика, розева реалност, за некаква европска иднина до која никако не може да не однесат. Во Европа со амнестирани криминалци нема, во Европа нема со криминални иновации, со евро за Вицето и евро за црквата. Жално е секојдневието на луѓето од овие краишта. Уште пожална е иднината со овие луѓе на власт. Државата пропаѓа и се соочува со масовно иселување. Затоа мора да се даде надеж, да се донесе правда, да се победи стравот и да се верува дека Македонија ќе успее. А ние заедно ќе го оствариме тоа, напиша лидерот на опозицијата.