Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека во врска со спорот со името до овој момент тие немаат информација за тоа како се одвиваат преговорите, ниту за нивната содржина и суштина.
– Заклучно со овој момент можам да го потврдам истото тоа што го потврди и најголемата опозициска партија кај нашиот јужен сосед, односно нејзиниот претседател Мицотакис, кој кажа дека и кај нив најголемата опозисиска партија не е вклучена во разговорите за името, рече Мицкоски на новинарско прашање по утринската литургија во Соборниот храм „Све. Климент Охридски“ во Скопје.
Според него, на овој начин, тие не би можеле да коментираат што било, за тоа кое би било решение од премиерите во двете земји Заев и Ципрас.
Во интервјуто за МРТ пред неколку дена, Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ во моментов е надвор од процесот за решавање на спорот со името бидејќи никој не го поканил да биде дел од процесот, ниту има каква било информација што се случува официјално, ниту неофицијално.
-Она што ВМРО-ДПМЕ го добива како информација од процесот е од конференции, натписи по медиумите, полувистини, а можеби и вистини и не знаеме како да ги квалификуваме бидејќи немаме реални суштински информации и не сме дел од тој процес, вели Мицкоски.
Тој вели дека годинава започнала бурно и има доста разговори помеѓу Заев и Ципрас и информации за неформални вечери во Солун, но сето тоа е она што тие го дознаваат од медиумите и затоа не може да говори за овој процес.
-ВМРО-ДПМНЕ не учествува во тој процес бидејќи претпоставувам од страна на Владата на СДСМ е одбрана оваа методологија на начин на преговарање. ВМРО-ДПМНЕ е против промена на Уставот и промена на уставното име Република Македонија, а тоа е и мој став како Христијан Мицкоски како и ВМРО-ДПМНЕ кое е против промена на идентитетот и нацијата на Република Македонија. Секое она решение кое што ќе подразбира промена на уставот и промена на уставното име ние како партија сме против како и јас лично, истакна Мискоски.