Ние сме против Преспанскиот договор затоа што се менува името и идентитетот, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во своето гостување на ТВ21.
– Ние имаме против содржината на тој Преспански договор затоа што цврсто веруваме дека на тој начин некој се откажа од македонскиот идентитет. И тоа е мое право како Македонец, да имам различно мислење, затоа што се чувствувам навистина погоден. И тоа го потврди премиерот. Замислете, авионот доцнел, немаше време за химната, за да потоа излезе премиерот и кажа дека не ја пуштиле химната за да не му направат на Ципрас дополнителни проблеми. За каков бетон на Заев со арматура и идентитет зборуваме? Како кула од карти му се урна тоа, истакна Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека партијата не е против Законот за јазици, но бара тоа да биде согласно Уставот и владеењето на правото.