Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска рече дека како што најавиле во периодот кој што следи ќе бидат на терен да ги исполнат ветувањата кои ги дале пред граѓаните.
-Вчера бевме во Кисела Вода, денеска сме овде во Гази Баба во населеното место Страчинци. Сето она кое што го ветивме пред граѓаните во предизборието, за време на кампањата за овие локални избори мора да биде реализирано. Нема да критикуваме, нема да бараме изговори колку е лоша состојбата во општините кои што ВМРО-ДПМНЕ и градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ги превземаа од претходниците кои што беа од СДСМ затоа што ако биле добри народот немало нас да не гласа туку ќе ги гласале нив. Таква е ситуацијата, каква што е. Денеска сме овде во Страчинци започнуваме, односно градоначалникот започнува да го исполнува тоа што е ветено пред граѓаните. Започнува со работа и изработка на оваа фекална канализација со цевки Ф-200, повеќе од 170 приклучоци од тоа што слушнав од луѓето кои што се овде. 170 семејства ќе добијат приклучок до оваа фекална канализациона мрежа, што досега не било случај. Тоа е првата фаза, ќе имаме и втора и трета фаза. Очекуваме дека овој проблем конечно ќе биде решен заедно со една пречистителна станица, сега не го гледам господинот кој што ми објаснуваше, истакна Мицкоски.
Посочи дека и со тоа жителите на населеното место Страчинци во 21 век ќе ги добијат пристојните услови за живот бидејќи за жал во овој момент во 21 век тие ги немаат.
-Продолжуваме и понатаму интензивно да ги исполнуваме ветувањата затоа што на народот му е преку глава од поделби, на народот му е преку глава од политиканство. Народот сака нормално да живее и Македонци, и Албанци, и Турци, и Срби, Власи, Роми, Бошњаци, сите луѓе тоа се народот на Македонија и тие луѓе сакаат да остават нешто зад себе, да остават нешто за своите деца, и не сакаат повеќе да го гледаат тоа наше политичко мочуриште и валкање во нашата кал. Сакаат да вида живот, а ние сакаме да бидеме дел од тоа што тие сакаат да го видат, а тоа е животот. Доста е од политичари во кожни фотелји, со скапи црни лимузини како пристигнуваат на настани со многу обезбедување, со многу протоколи и церемонии. Редно време е политичарите да облечат чизмите и заедно со народот да ги засукаат ракавите и да се зафатат за работа. Политичарот треба да е слуга на народот, а не да биде над облаците и над народот. Тоа е заедничкиот патриотизам и тоа е она кое што ВМРО-ДПМНЕ и оваа генерација го промовира, нагласи Мицкоски.