Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната прес конференција која се одржа во централниот штаб, во одговор на новинарско прашање по однос на повлекувањето на амандманите за предлог-законот за државјанство, подготвен од коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива, истакна дека уште на лидерската средба предложил пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ги повлечат амандманите ако од таа коалиција бидат деблокирани законите за петтиот пакет мерки за поддршка на стопанството и граѓаните.
Тој истакна дека освен ВМРО-ДПМНЕ против текстот на овој закон се изјаснија и владејачката СДСМ на чело со Зоран Заев, но и другите опозициски партии како Левица, но побара да се почека да се види што точно ќе договорат на најавената средба на премиерот со претставниците на коалицијата, која најверојатно ќе се одржи до крајот на оваа работна недела.
Лидерот на партијата истакна дека уште на лидерската средба му предложил на Заев, законот за државјанство но и законите од петтиот пакет, да се стават на пленарна седница на гласање, и да се види кои навистина се „против“ и кои се „за“ законите, така што би седнале и би нашле решение и за законот за државјанство, а и помошта би стигнала до компаниите и граѓаните.
-Нашето размислување кое што не е финално, бидејќи во текот на вчерашниот ден, попладнето излезе информација од власта дека, дали во среда дали во четврток ќе има состанок помеѓу Зоран Заев и претставници на коалицијата Алтернатива и Алијанса и дека ќе се надминел проблемот. На Зоран Заев му предложив, уште на лидерската средба, еве ние да ги повлечеме амандманите, да ги повлечат и Алијанса и Алтернатива и двата закона да дојдат на пленарна седница на гласање, па да видиме кој е против, кој е за. Ако е против, како што вели Димче Апасиев, Зоран Заев тогаш ќе имаме решение за Законот за државјанство, но дали тој истиот ќе биде усвоен или нем ада биде усвоен, ако сите сме за помошта да стигне до бизнисот и до граѓаните, тогаш ќе ги повлечат Алтернатива и Алијанса, ќе дојде законот на пленарна седница и сите ќе го гласаме петтиот пакет мерки и ќе може државата од буџетот да ги исплати тие средства за да може да им биде полесно на компаниите“, појасни Мицкоски.
Но, кога веќе договорија средба, да почекаме, порача Мицкоски, уште неколку дена за да видиме што ќе договорат Зоран Заев и претставниците на коалицијата, кои иако се договараат без ВМРО-ДПМНЕ, па потоа да се произнесат по тоа прашање.
-Според информациите кои што стигнаа до нас, средбата меѓу Заев и претставниците на коалицијата Алијанса Алтернатива треба да се случи среда, четврток или петок. Да почекаме уште ден два, да видиме каков е тој договор. Не знам каков е тој договор без да го консултираат ВМРО-ДПМНЕ, но во ред, еве решиле да постигнуваат договор, да видиме што ќе биде тој договор, па потоа ќе ми дозволите да се произнесеме, истакна Мицкоски.
Но, по овој текст, овој закон јас, рече Мицкоски, им понудив на пратениците во Парламентот, од различни политички партии да се произнесат. Ако се СДСМ против како што велат дека се против, ако се Левица против како што велат дека се против, ако се ДУИ, не знам, против или за, ако се Алтернатива и Алијанса за, ќе дојде на гласање, ќе се произнесат пратениците, ако овој закон има поддршка од 61 пратеник ќе се усвои, ако нема поддршка од 61 пратеник, нема да се усвои. Но, порача, тоа подразбира да биде откочен петтиот пакет, да дојде помошта, каква таква недоволна, до стопанството и до граѓаните.