Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечера истакна дека како партија размислуваат да предложат намалување на бројот на пратеници во Собранието.
Мицкоски, во гостувањето во емисијата „360“ степени на АлсатМ телевизија посочи дека можеби бројот од 120 пратеници е преголем. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ објасни дека ако може една европска Словенија да има 90, и тоа многу побогати се, зошто Македонија да го има тој луксуз и да има 120 пратеници.
-Треба да се интервенира тука, да се намали на 90. Цениме дека можеби овој гломазен систем ваков каков што е од 120 е преголем. Преголеми се трошоците, преголема е и акумулираната моќ, еве да го намалиме сето тоа на 90-тина. Да го намалиме бројот на привилегирани пратеници, рече Мицкоски.
Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски смета дека генерално трошоците треба да бидат намалени. Дали тоа ќе се случи преку кратење на бројот на пратеници во законодавниот дом или намалување на нивните трошоци, вели треба да се договорат партиите.
-Една од главните забелешки на граѓаните години наназад е големите трошоци на пратениците. Тие секако треба да бидат намалени. Дали ќе бидат намалени трошоците на пратениците или бројот на пратеници тоа треба да се договорат политичките партии. Ова може да се спроведе во пакет заедно со моделот на една изборна единица, вели Божиновски во изјава за Курир.
Потсетува дека и помалите партии се залагаат за една изборна единица, па според него сега е моментот за тоа бидејќи ја имаат поддршка од опозицијата да имаат мнозинство за да се договорат и за ваквиот изборен модел во пакет со намалување на трошоците.
Мицкоски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи предлогот на помалите политички партии за една изборна единица.
-Мнозински изборен модел ние се залагавме, но немавме поддршка кај другите политички партии. Дали се исплашени, дали имаат некои други аргументи. Ние како политичари треба да сме креативни и да работиме за доброто на граѓаните и да нудиме решенија кои што ќе бидат за граѓаните. Е, сега ако некој вели дека една изборна единица е една изборна единица, и дека мнозинството на граѓани сакаат една изборна единица ние рековме дека ние сме подготвени да разгивараме, појасни Мицкоски.