За реципроцитетот ќе дадам пример. Генчовска изјави дека Бугарија не го признава македонскиот јазик. Дали ние реципрочно ќе одговориме дека не го признаваме бугарскиот јазик?, вака претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на посетата на Гази Баба одговори на новинарско прашање за реципроцитетот за кој Владата вели дека го има во Протоколот со Бугарија.
Тој додаде дека не може да се зборува за реципроцитет кога Бугарија бара Бугарите да бидат дел од Преамбулата и нормативниот дел во Уставот на Македонија, а од друга страна бара Македонија да се откаже од Македонците во Бугарија.
„Генчовска бара Бугарите да бидат дел од Преамбулата и нормативниот дел во уставот, а истовремено бара ние да се откажеме од Македонците во Бугарија. Дали е тоа реципроцитет? Може да се редат уште многу вакви пример и во делот на историските факти, и во делот на учебниците, но во суштина зборуваме за дипломатска капитулација и нокаут и отворена врата за преговори на Албанија и подзатворена за Македонија“, потенцираше Мицкоски.