Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на членовите на Синодот на Македонската православна Црква и на сите православни верници им го честита христијанскиот празник Раѓањето Христово – Божик.
„Овој голем ден нека ви донесе здравје, радост, светлина, љубов, среќа и топлина во вашите домови која ќе ве следи во текот на целата година. Раѓањето Христово нека служи како потсетник на традиционалните вредности кон кои се стремиме, хуманоста, разбирањето и меѓусебното почитување. Исус ги освои срцата на луѓето со својата благост и љубов, ја победи смртта и ни ја врати надежта, неговите дела нека бидат пример за сите“, се наведува во честитката на Мицкоски.
Во неа тој додава дека Божик го симболизира раѓањето на надежта, надеж за подобра иднина, подобро утро за идните поколенија.
„Влегуваме во година на предизвици и одлуки. Тешкото секојдневие на луѓето, црнилата и растечката сиромаштија преовладуваат во секојдневието на граѓаните, и тоа се заедничките тешкотии кои мора да бидат надминати. Да си спомнеме за сите оние граѓани кои овие празници ги дочекуваат со напластени проблеми, со неизвесност која преовладува и живот кој станува потежок. Несигурноста да биде замената со стабилност, да градиме иднина, да се избориме за подобар живот“, истакнува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
На крајот тој порачува светлоста на еден од најголемите христијански празници да биде водилка за секој верник на патот на личниот успех и среќа, бидејќи, како што вели, успехот на поединецот е успех за сите.