Очекувањата се дека на 1 јули цената на електричната енергија ќе поскапи за минимум од 15% до 18%, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи а новинарско прашање, и додава дека во моментов за тоа да не се случи единствен спас е предлогот кој го дава партијата а тоа е намалување на ДДВ-то на сметките кои ги добиваат граѓаните.
Мицкоски потенцираше дека компаниите кои ги регулира, Регулаторната комисија, а тоа се МЕПСО и ЕВН кои учествуваат со 38% од цената на електричната енергија и кои веќе побараа зголемување од по 5%, а на сметките ќе влијае и цената која ќе ја понудат трговците.
„Оние 62% кои остануваат во најголем дел се цената за струјата која досега ја обезбедуваше ЕСМ или поранешно ЕЛЕМ, по цена од 38,5 евра за мегават час. Таквата цена доведе да денеска загубата на компанијата којашто на времето имаше 1,5 милијарда евра депозити и 350.000 на сметка и нула долгови, во 2020 заврши со загуба од 1 милијарда и 33 милиони денари или речиси 17 милиони евра. Како резултат на тоа доведено е во прашање ликвидноста на компанијата, засилена со пљачката која таму се случува, ЕЛЕМ ќе понуди цена на електрична енергија која се очекува да биде помеѓу 55 и 58 евра за мегават час. Тоа ќе биде во вкупна количина од 70% потребите на ЕВН ХОМЕ односно од потрошувачите кои добиваат сметки од ЕВН. Останатите 30% ќе биде цената која ќе ја понудат трговците а таа во моментов на берзите изнесува околу 70 евра. Кога сето ова ќе се сведе на вкупна цена очекуваме дека граѓаните најмалку ќе плаќаат 18% поскапа цена“, појасни Мицкоски.
Тој вели дека поради тоа ВМРО-ДПМНЕ даде предлог за намалување на ДДВ на сметките за електрична енергија од 18% на 5%, кој Регулаторна сакаше да си го присвои како свој предлог.
„Во ред нека е нивен, но нека поднесат предлог за намалување на данокот и на тој начин ќе ги заштитат граѓаните и нивните сметки. Државата ќе се откаже од 90 до 100 милиони евра на сметка на граѓаните. Доколку Бислимоски не го поднесе предлог ќе го сметаме за соучесник во пљачката и осиромашување на овој народ и ќе се соочи со гнев и протести е до негова оставка биејќи тој е најодговорен“, нагласи Мицкоски.