Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по повод денешниот празник 11 Октомври – Денот на народното востание испрати честитка која во продолжение ви ја пренесуваме интегрално:
„Во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ на сите граѓани им го честитам големиот празник 11 Октомври- Денот на народното востание.
Овој празник е еден најсветлите датуми во македонската историја, затоа што значеше почеток на едно ослободително и антифашистичко востание на македонскиот народ, кое беше крунисано со АСНОМ и втемелувањето на македонската државност. Со нападот на бугарскиот полициски участок во Прилеп партизанскиот одред Гоце Делчев ја започна борбата против фашистичкиот окупатор која како пламен се прошири низ цела Македонија.
Тоа е нашето свето антифашистичко наследство на кое сите граѓани на Македонија треба да се гордеат, затоа што застанале на вистинската страна на историјата и на тој начин го оствариле вековниот стремеж на илјадници други знајни и незнајни јунаци за слободна Македонија. Оваа борба беше континуитет на стремежот на кресненските и разловечките востаници, на гоцевите идеали, жртвата од илинденската епопеја и вербата на плејада млади синови и ќерки кои веруваат во слободата, човечкие правдини и во Македонија.
Борбата за Македонија никогаш не престанува, било да е тоа борба за напредок и подобар живот, било да е тоа борба против повампирените хегемонистички апетити кон Македонија.
Токму денешниот празник е најдобар доказ дека идеалот за Македонија и патриотизмот е најсилноо оружје на еден човек. Партизаните тој 11-ти Октомври 1941 година, како и нивните претходници револуционери покажале невиден хероизам да се спротивстават против фашистичкиот и секој друг окупатор на Татковината затоа што ги водела љубовта кон Македонија. Таа љубов гори во нас и нема да дозволи никој да се пазари со националните и државните интереси.
Нека е вечна славата и споменот на сите знајни и незнајни борци за Македонија.
Нека е вечен празникот 11 Октомври. Нека е вечна Македонија.“