Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека се обврзува на обнова која ќе донесе 4 милијарди евра домашни и странски инвестиции за еден мандат.
-Ова значи повеќе поддршка од државата за домашната економија и компании и привлекување на странски директни инвестиции преку реформиран модел кој ќе биде привлечен за светски големи компании. Можам да кажам дека веќе водиме разговори со неколку големи европски компании кои се одвратени поради корупцијата, беззаконието и лошата бизнис клима во овие три години да инвестираат во државата. Чекаат и тие поволна клима после 12-ти април да започнат со инвестирање. Се обврзуваме за обнова која ќе донесе раст на БДП за минимум 4% годишно. Се обврзуваме за обнова која ќе донесе повеќе пари за бизнисот, помалку давачки и бирократија. Ова значи намалување на парафискални давачки за фирмите кои што се резултат на анализата и средбите со стопанските комори и стопанствениците кои што ги имавме изминатиов период, но не само за парафискалните давачки, тука имаме и детална анализа за сите оние административни бирократски процедури, истакна тој.
Рече дека дел од нив целосно ќе бидат напуштени, а за дел од нив роковите на одговор на институциите ќе биде намален.
-Се обрзуваме за повеќе од 90% реализација на планираните капитални државни инвестиции годишно, внимателно планирање и испорака на тоа што е испланирано. Сега имаме историско најниско ниво кое се движи околу 69 проценти и тоа после ребалансот на буџетот. Над 90 проценти реализација на капитални државни инвестиции подразбира повеќе работа во градежништвото, повеќе работа во трговијата и повеќе бизнис за претприемачите. На крајот за да имаме подобра бизнис клима морам да искоментирам во следнава насока, мора да го подобриме економскиот рејтинг на државата што подразбира не само економски и институционални мерки, туку и борба против корупцијата и криминалот, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.