Со соседите ќе имаме отворени односи и ние секогаш сме за добри односи со соседите, но секако бараме и ресипроцитет, ако ние треба да ја заслужиме почитта на соседите и тие ќе треба да ја заслужат нашата почит. Ако Бугарите бараат промена на Устав, тогаш и тие тоа да го направат, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, професор д-р Христијан Мицкоски.
Тој ова го истакна во своето гостување на македонскиот јавен сервис, МРТ каде што подвлече дека се свесни радикалните структури на политичката сцена кај дел од нашите соседи, мислејќи на Бугарија, кои го користат и го злоупотребуваат национализмот кои имаат многу негативни и на моменти хегемонистичка реторика кон Македонија.
„Свесни сме за радикалните структури на политичката сцена кај дел од нашите соседи кои што го користат и го злоупотребуваат национализмот имаат многу негативна и на моменти хефемонистичка реторика кон Македонија и тука ние се повикуваме на правото на реципроцитет. Затоа што, како се вели, за љубов се потребни двајца. Ако ние наидеме на почитување, тие ќе го заслужат и нашето почитување. Но ако ние не наидеме на почитување, дека јас не сум постоел пред определен временски период или сум постоел или сум говорел друг јазик, или сака да ја поништи мојата култура, традиција, обичаи кои што баба на внук ги пренесувала векови наназад, тоа не е баш добрососедско однесување“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека тоа не е добрососедство и добрососедско однесување, напротив, тоа е необјективно однесување на сосед кон сосед и тогаш ние се повикуваме на правото на реципроцитет.
Мицкоски порача дека кога веќе Бугарија бара отворање, за македонските граѓани кои се чувствуваат за Бугари да се запишат во Уставот, тогаш и и ние имаме право да бараме и тие да го направат истото и да го сменат уставот за да ги внесат Македонците од Бугарија, нешто што им припаѓа и кое што им е досудено од Судот за човекови права во Стразбург.
Освен ова, додаде Мицкоски, за признавање на Македонците од страна на Бугарија има донесено резолуција и европскиот Парламент во која се вели дека тие треба да имаат своја засебна култура, свои засебни обичаи и тоа да го презентираат и да бидат дел од бугарскиот Устав.
„Нема никаков проблем, оние граѓани кои што се чувствуваат како Бугари да бидат дел од Уставот, тогаш ние имаме право да бараме Македонците во Бугарија да го добијат она кое што им припаѓа и кое што им е досудено од Судот за човекови права во Стразбург и каде што е донесена резолуција од страна на европскиот Парламент дека тие може да си имаат своја засебна култура, свои засебни обичаи и тоа да го презентираат и да бидат дел од бугарскиот Устав. Ако тие бараат да го смениме нашиот, нека се потрудат и тие да го сменат нивниот. Тоа е суштината на реципроцитет“, дециден беше Мицкоски.
Ние секогаш сме за добрососедски односи, вели тој и додава, ајде да зборуваме како побрзо да изградиме брзи железници, како да изградиме автопат, да ја подобриме економската соработка и капацитетите за туризам и така натаму немам проблем, но зошто ние денес зборуваме за Гоце Делчев, за Илинден или за организацијата формирана во Солун 1893, со прв конгрес во Ресен, зошто да зборуваме за тоа?, објасни Мицкоски.