Во псоледниот трет дел од божикното интервју за НетПрес, претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, зборува за состојбата во медиумите, за претстојниот попис, за политичките комбинации за ново парламентарно мнозинство, за коалицирање со некоја од партиите од албанскиот блок…
*Во контекстот на стандардите кои ќе ја приближат Македонија до нивото на слободите во развиените демократии, покрај владеењето на првото и економијата за кој зборувавме претходно во интервјуто, чувствително е и прашањето на слободата на говорот. Како ја оценувате состојбата во медиумитe во земјата?
Мицкоски: Катастрофална е состојбата во медиумите. Ваков медиумски мрак како сега што се случува и ваков притисок врз медиумите се нема случено. Пред извесен период, прочитав изјава од човек кој веројатно работи во кабинетот на Заев, дека повеќе немало нарачани вести и текстови… како што тоа наводно било порано. Мене лично, неколку новинари и главни уредници на медиуми ми имаат сведочено, дека токму ова лице е човекот кое ги нарачува вестите и дека токму тоа е лицето коешто им испраќа редослед на вестите за во дневникот. Не би навлегувал во докажување дали тоа е така или не, но ги пренесувам сведочењеата на луѓето дека токму тој е човекот кој се обидува да биде диригент на медиумите во Македонија. Секако не го прави тоа самиот, туку е резултат на налогот што му го дал неговиот претпоставен, односно Зоран Заев.
Но, како што сега е лоша ситуација во медиумските сфера, впрочем тоа го потврди и „Фридом Хаус“ ако не се лажам, во чиј извештај повторно сме прогласени за Хибриден Режим. Мислам дека никогаш не била полоша. Особено со оваа хајка што сега се води со рецензии на текстови објавувани во портали и на медиуми, кои објавуваат информации кои не одат во прилог на власта. Тогаш веднаш соросовите поданици на Зоран Заев се активираат, преку Метамофорзис и ги блокираат тие вести на социјалните медиуми. Зошто велам „соросовите“, па едноставно затоа што Сорос тука беше пречекуван небаре доаѓа императорот на Македонија, со специјални возила, со полициска придружба, ВИП државни третмани…
*Зоран Заев повикувајќи се на резултати од анкети рече дека СДСМ повторно е водечка партија во земјата и дека доколку во овој момент се одржат парламентарни избори би имала најмалку тројца пратеници повеќе од ВМРО-ДПМНЕ. Како гледате на овие анкети и ваквите изјави од страна на власта?
Мицкоски: Тогаш да пробаме да се обидеме на локалните избори есенва да организираме истовремено и предвремени парламентарни избори. Тоа е најдобриот тест да покаже Зоран Заев дека тоа што го тврди навистина е така. Претходно велеше дека СДСМ има водство од 6 отсто, па потоа излезе таа телевизија во кој двете партии беа израмнети според рејтингот, иако јас лично бев девалвиран и ставен на маргините на политичката арена во Македонија. Сега, пак, Заев вели дека имаат предност од 4 проценти.
За една-две седмици доаѓаат неколку различни бројки, а кои доаѓаат од СДСМ. Или нека направат зеднички именител на сите нив, па да се знае која е просечната вредност која тие бие ја посакувале, или да се охрабрат и да излезат на избори. Зашто политички е наивно да имате толкава предност, а да не го искористите тоа и да зависите од кревкото мнозинство во парламентот и да стравувате кој пратеник ќе влезе на седница. Нелогично е политичар кој е убеден дека има таква предност да не посакува да ја оствари и преку предвремени избори.
*Во тој контекст Заев изјави дека неговата Влада има поддршка од стабилно мнозинство во Собранието и нема потреба да се оди на предвремени избори. Од друга страна, Вие рековте дека контактирате со пратеници од коалицијата предводена од СДСМ.
Мицкоски: Би оставил времето да покаже како ќе се развиваат овие работи.
*Наесен доаѓаат локалните избори. Минатите ВМРО-ДПМНЕ катастрофално ги загуби. Како за претстојните ќе се активираат граѓаните за да се победи СДСМ?
Мицкоски: Секако со добри кандидати, теренска работа и обединување. Но, јавноста не треба да се залажува дека и следните избори ќе бидат фер и според сите прописи. Повторно ќе има полнење кутии, делење картички, пети-шести пакет веќе, уцени, притисоци и закани… Сето тоа што се случуваше на предвремените парламентарни избори помножено со два. Неодамна изборите за градоначалник на Штип беа генерална проба за тоа.
На тоа ќе одговориме со ширење на фронтот, мобилизација на гласачите, теренска работа и добри кандидати. Но еднаш кога ќе ги поразиме, ќе следи одговорноста за сите овие четири години. И потоа судбината на СДСМ е како на пример на ПАСОК во соседна Грција.
*Во процесот на освојување на власта, кај е неминовно прашањето на перцепциите колку одедена политичка опција од македонскиот кампус во дадениот момент може да соработува со партиите од албанската заедница. Гледа ли ВМРО-ДПМНЕ партнер во некој од партиите од албанскиот опозициски блок??
Мицкоски: Апсолутно да. мислам дека многу скоро денеска јавноста ќе биде сведок за една таква.
Целото интервју на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ можете да го прочитате на Нетпресс