Самиот факт што денеска само 500-тини семејства се разбудија со топли радијатори е доволен доказ дека работата не е сјајна, би рекол е катастрофална работата. Цениме дека како ВМРО-ДПМНЕ во овие тешки моменти треба да се помогне. Тоа го правиме веќе две недели разговаравме и со коморите, разговаравме и со бизнисот, нормално секојдневно комуницираме со граѓаните. Побаравме и официјално средба, истакна денес лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред официјалната средба со премиерот Димитар Ковачевски.
-Конечно не знам дали беше од суета или од други причини, вчера добивме потврден одговор од страна на Ковачевски дека ќе најде време да не прими да ги слушне нашите предлози, нашиот концепт кој не се однесува само за оваа есен и зима туку и за следната година. Така што цениме дека во овие тешки моменти потребно е да помогнеме на граѓаните и на Македонија и тоа е момент кога треба да покажеме државност, а не да собираме политички поени, порача Мицкоски.
На средбата, покрај Мицкоски, присуствува и економскиот тим на партијата кој, според претходните најави од ВМРО-ДПМНЕ, ќе го презентира нивниот план за надминување на последиците од кризата.