петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Мицкоски за 23-ти Октомври: Ова е празник на сите кои ја сакаат слободата на Македонија, на сите кои го почитуваат делото на татковците на нашата нација

Мицкоски за 23-ти Октомври: Ова е празник на сите кои ја сакаат слободата на Македонија, на сите кои го почитуваат делото на татковците на нашата нација

Денешниот празник не потсетува на тоа како е создадена нашата слобода, колку жртви и колку упорност и храброст е потребна за ова што го имаме денес. Во таквата слобода се вградија плејада на жени и мажи кои предано и без заддршка се трошеа за она во што непоколебливо веруваа и сонуваа, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој вечерва од Долни Сарај во Охрид се обрати по повод празникот 23-ти Октомври, Денот на Македонската револуционерна борба.

-Таквата борба ги дефинираше нивните животи, но и ја одредуваше нашата иднина. Ова што го имаме денес не е плод на борбата на само една успешна генерација, туку саможртва на цела низа на генерации кои се бореа, гинеа, и одново се раѓаа нови јунаци кои продолжуваа таму каде претците застануваа. Таквата посветеност е можна само доколку идејата е доволно силна, а мотивот доволно голем. И во градењето на таквиот ѕид на надежи и соништа секој еден јунак кој дејствувал на ова тло е подеднакво значаен, без оглед дали неговото име денес го читаме на камените статуи по плоштадите, или неговата жртва останала незапишана од историјата, но е доволно голема денес и во идните времиња да ја споменуваме и паметиме, рече Мицкоски и додаде:

„Во таквиот ѕид врз чии темели почива денешната наша Македонија значаен камен и тврдина е организацијата која пред точно 128 години на денешен се роди во Солун. Таа организација беше последица на жедта на македонскиот народ за свое упориште во борбата за слобода, но истата стана и мајка на целокупниот отпор на населението кое заеднички се бореше за слобода. И од тој аспект В.М.Р.О стана чадорот на секоја акција, на секое спротивставување, на секоја организираност на нашето народно ослободување“.

Според Мицкоски, македонската држава има повеќе значајни темели, но еден од најсилните е токму оваа организација.

-И навистина се без предметни оние обвинувања кога во виорот на дневните препукувања само поради некаков ситен политички контекст се посочува дека празнувањето на денешниот ден припаѓал и бил исклучиво на една политичка партија, на тој начин сакајќи да се намали важноста на празнувањето. На таквите кои тоа го велат им порачувам дека, ова е и ваш празник затоа што ВМРО ги обединувало сите слободно мислечки индивидуи, и го ослободуваше меѓу другото и целокупниот креативен потенцијал на нашата напредна интелигенција. И тука немало поделба на наши и ваши, големи или мали, тие се воделе од идеја, имале емоција и гинеле поради кауза. Таквиот темел подоцна беше добра основа и за партизанското движење како природен след на она што го започна ВМРО. Затоа ова е празник на сите кои ја сакаат слободата на Македонија, на сите кои го почитуваат делото на татковците на нашата нација, потенцира Мицкоски и додава:

„Гане велеше дека незапирлива е светлината на Илиндените која ќе стигне до идните поколенија, а Пирузе Мајски дека ВМРО е дело кое му припаѓа на народот и тој фаќел на слободата им припаѓа на сите генерации кои потоа ја продолжуваа таа столетна идеја за независност. И токму затоа велам дека ВМРО и Македонија се сопатници низ времето, лице и опачина, дел од еден ист сон, од една иста идеја, од еден континуитет низ бурите и премрежјата што се вика-Македонија. Македонија која мора да биде наша заедничка, Македонија која мора да има иднина. Македонија која ќе победува. Македонија која ќе гради нов заеднички патриотизам. Македонија на гордо кренати глави, држава со р`бет, Македонија која ќе биде нашиот сон, кој е одсонуван и реализиран. И затоа со достоинство во гласот и искрен трепет во срцето велам….Среќен празник Македонијо!“.

Најнови вести