Во денешното интервју за Нетпрес, Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се осврна и на актуелната тема околу ТЦ „Глобал“ во Струмица. Мицкоски најави дека во деновите коишто следат јавноста ќе биде сведок на она што таму се случи, трагедијата за луѓето коишто ги загубија сите свои стоки и она што го поседуваа во тие дуќани кои изгореа. Дел од нив се таму под кирија, помал дел од нив се сопственици, но кога јавноста ќе дознае кои се вистинските сопственици на тие комерцијални дуќани, и што се случувало со „Глобал“, како практично е настаната ова градба, тогаш многу појасно на сите граѓани ќе им биде.
„Виновни се тие коишто го изградија „Глобал“ и тие коишто дозволија потоа ова да се случи. Како е изграден „Глобал“? Изграден е со локациски услови коишто се добиени околу 15 или 16 мај 2008 година и тоа се издадени локациски услови за реконструкција и надградба на пазариште. Еден месец потоа, на 18 јуни 2008 година, „Глобал“ добива одобрение да се изгради односно, практично да се реконструира и награди пазариштето кое што во тој момент постои. Замислете, за еден месец добивате локациски услови, правите истраги, тие истраги потоа ви се влез во основен проект, работите основен проект, потоа тој основен проект некој ви го ревидира, завршувате со ревизијата и потоа одите во општината аплицирате и општината за еден месец ви дава одобрение за реконструкција и надградба на тоа пазариште. Има голем број градежни компании еве една видовме дека бега од Македонија деновиве прашајте ги за искуство дали е тоа возможно за еден месец. Тука не застанува чудото, чудото продолжува, ако на 18 јуни 2008 година е издадено одобрението за градење веќе на 22 или 23 јуни е дадено одобрението за употреба. Замислете за само пет дена Глобал е изграден. И веќе на 23 јуни е издадено одобрението за употреба на реконструираниот и надградениот пазар“, појасни Мицкоски.
Мицкоски додаде дека ако се погледне детално солеминизираниот договор на содружништво ќе се увиди дека е помеѓу две трговски друштва Јавното претпријатие за комунални услуги Комуналец Струмица во тоа време раководено од Панче Орцев, и Зоран Заев како тогашен градоначалник на Струмица. Од другата страна содружници се две правни лица претставувани од Цикарски и Брндевски. Сашко Брндевски е ликот којшто пред Нова година купуваше илјадници метри квадратни земјиште во една локација во Струмица и подоцна тие десетици илјади метри квадратни ги замени со една од фирмите во којашто има сопственички удел семејството Заеви за станот од 50-ина, 60 метни квадратни. Сета оваа работа за да биде уште поинтересна завршува во 2014 година кога е пишана во Катастар, а во Катастар се впишува врз основа на акт и каде што магично исчезнува сега реконструираниот или надграден пазар во трговски центар.
„Прашањето е дали при добивањето на одобрение за градење и тогашниот Закон за градење е испочитуван условот да биде изработен елаборат за противпожарна заштита. Затоа што секој што денеска се занимава со градби треба да приложи елаборат за противпожарна заштита и елаборат кој што е дел од електро проектот за громобранска инсталација. Дали условниот проект е приложен таков елаборат за противпожарна заштита и громобранска инсталација. Второ, кој вршел тестирање на апаратите коишто во случајот ги користиме за гаснење на пожарот, противпожарните апарати? И дали е тоа тестирање направено? И која компанија тоа го направила“, запраша Мицкоски.
Мицкоски најави дека голем дел од прашања во врска со ТЦ „Глобал“деновиве коишто следат практично ВМРО-ДПМНЕ ќе ги елаборира со докази и ќе даде одговор на тие прашања. Ќе се поднесат и одреден број на пријави.
„Но истовремено можно е како пратеничка група во рамките на Парламентот да побараме, и јавна расправа со сите овие докази кои ВМРО-ДПМНЕ ги поседува да бидат таму презентирани. Така што оваа несреќа би ја поделил во два дела. Првиот е хуманитарно, да им се помогне на луѓето кои загубија во оваа несреќа поради несовесната градба на објектот и несовесното негово одржување. Тие луѓе навистина не се виновни за она што се случувало во минатото, ниту, пак, за тоа што некој не го одржувал овој објект според прописите. Но истовремено бараме одговорност од самиот почеток, па сѐ до денес“, посочи Мицкоски.