Живееме во време како во Бејрут во најлошите времиња, така отприлика функционира моментално Македонија. Тотално безредие, а тоа е така затоа што тие кои треба да го спроведуваат редот, ги водат луѓе коишто се во директен договор со криминалот и луѓето со сомнително досие, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при денешната посета во Свети Николе, одговарајќи за запалените возила на функционери на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп.
Мицкоски истакна дека тоа што се случува во Прилеп, најпрвин на директорот на комуналното претпријатие му беше опожарено возилото, па потоа на пратеникот Петар Ристески, па потоа на еден од вработените, раководител на сектор во општината, е само доказ имаме работа со насилници.
– Информациите се дека две лица се приведени, периферни лица кои немаат никаква врска со случаевите ниту се поврзани некако. И двајцата се познати престапници на законите во Прилеп и прилепчани ги знаат, потенцираше Мицкоски.
Тој нагласи дека наместо да се гонат вистинските извршители, а уште поважно инспираторите и нарачателите на сето ова, ние се занимаваме со пердуви расфрлање и периферни личности кои немаат никаква врска со суштината.