Освен аферата Рекет 1, тука е и аферата Рекет 2, за која сеуште нема обвинение, ова денеска во дел од своето обраќање го потенцираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
-Бизнисмен со име и презиме посведочи дека му бил баран поткуп од власта, од Фондот за здравство, а осудено лице од Рекет 1 еден е омилениот лик за матни трансфери и во Рекет 2. Воедно пипците на оваа афера одат и до Струмица, а таа улога треба допрва треба да биде расветлена. Да не се заборави и аферата Вирус, каде Владата исто како и обвинителството е без одговор. Бизнисмен вели дека посредник пратен од поранешниот директор на Агенцијата за лекови барал мито за да тргува со одреден лек. Нема никаква истрага, а уште помалку обвинение за овој случај. Аферата Инсулин открива дека е уништен инсулин вреден илјадници евра чиј рок на траење не е истечен. Министерството и Филипче тврдат дека бил со сомнително потеклото, но тогаш ако е тоа така каде е постапката за одговорност кон тие кои го набавиле, и нели тоа е прикривање и противправно дејство ако сето тоа е вистина. Или пак не ја говорат вистината како и за се друго. Потоа нема одговор ниту која државна институција констатирала дека е сомнителен инсулинот, што укажува дека не е сомнителен инсулинот, туку сомнителен е министерот Филипче кој нема афера каде што е Заев, а да не е тој вториот партнер во нејзе. Инсулинот го нема, ама нема ниту истрага на обвинителството, вели Мицкоски.
Тој додава дека аферата со централата ТЕ-ТО, открива сомнеж дека преку бизнис-политичко-судска шема е направен обрт од црни 200 милиони евра, преку руски тајкун во кој оштетена е и државата и акционерите, а со тоа се разбира посредно и граѓаните. Фиктивен стечај преку кој се исмпумпувани милиони, а сомнежот оди до првите луѓе на владата, а за тоа нема никаква реакција ниту од владата, ниту пак од обвинителството.
-И нема да продолжам за илјадниците претходно отворени и дознаени афери за кој нема никаков епилог, за набавката на хеликоптерите, за Леонардо и за системот за навигација, за пратеникот со недозволена супстанца, за градоначалникот насилник, градоначалникот снимач, за градоначалникот трговец преку граничен со недозволени материјали, за случајот со прислушкуваното обвинителство кој се заборави. Реакција нема затоа што се работи за едно исто тело, за брак помеѓу мафијата, власта и дел од судско обвинителската фела. Оваа власт освен тоа што е извор на криминал, е главна пречка за правдата и затоа се блокираат истрагите за десетици афери, за да не се дознае улогата на првите луѓе на владата. Ваквото бегање од одговори е и аларм дека им се ближи крајот, и дека ова се очајни обиди да се одбегне одговорност. Ако Зоран Заев сака правна држава, тогаш правната држава налага одговорност за Рекет 1, Рекет 2, Инсулин, Вирус, 200 милиони евра криминал и сите останати афери. И затоа треба јавноста да се фокусира кон прашањата од кои бега власта, затоа што таму е вистината, а вистината иако е болна за власта убеден сум дека ќе се дознае, а по дознавањето мора да има одговорност, зашто што без одговорност нема правда. Обновата ќе дојде и тоа ќе значи надеж, и апсолутна, безусловна правда за секого, истакна Мицкоски.