Јас сакам да потсетам дека денес на денешен датум се навршуваат два месеци од трагедијата која што се случи во модуларната болница во Тетово. И за жал имаше 14 жртви. Гледаме како власта одолговлекуваше, прво имавме морални оставки, па се констатираа, па не се констатираа, па се проценуваа дали се морални, па кој е одговорен, па германски извештај, експерти, ЈО итн. за после два месеци власта да купува време за да јавноста заборави што воопшто се случило. А, камо ли некој да понесе одговорност. Затоа сметам дека политичката криза се продлабочува и секој еден разумен добромислечки граѓанин или претставник на граѓаните, пратеник во Собранието би требало да има пред себе едно прашање, дали оваа власт е добра за државата, одговорна спрема граѓаните, дали е добра за економијата или создава економска криза, дали е добра за енергетиката или имаме енергетска криза која што допрва ќе се продлабочува. И врз основа на таквата проценка секој пратеник да си оцени дали треба да се гласа за оваа Влада да падне или да продолжи“, истакна Антонијо Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник при гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа телевизија.
Милошоски додаде дека тие како опозиционен блок заедно со партиите Алијанса, Алтернатива, БЕСА и нивните три пратеници, Левица, поднесоа иницијатива за изгласување недоверба на оваа Влада на која што ставија потпис 61 пратеник.
– Сметам дека самиот чин на собирање на 61 потпис и доставувањето за недоверба на оваа Влада веќе го руши кредибилитетот на целата Влада, заклучи Милошоски.
Милошоски посочи дека се гледа дека оваа Влада е нефункционална.
– Втор показател дека оваа Влада е нефункционална е тоа што премиерот во оставка Заев пред осум дена неповикан од никого излезе на прес конференција со едно добро спремено писмено образложение и кажа дека поднесува оставка од претседател на Влада и претседател на СДСМ. Откако ја одржа таа прес конференција осум дена Заев е исчезнат. Никогаш не се случило на никој премиер да биде толку отсутен. Но, се гледа дека самиот Заев не е способен да се реши ниту за сопствената оставка, нагласи Милошоски.
Милошоски рече дека Заев не е способен да ја реши економската криза, енергетската криза, а ниту пак здравствената криза која владее во Македонија.