недела, 24. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Милошоски со апел до СДСМ и Заев: Прифатете ја Резолуцијата за да престане пазарџиската дипломатија, таа е црвената линија за нашиот национален и етно-културен идентитет

Милошоски со апел до СДСМ и Заев: Прифатете ја Резолуцијата за да престане пазарџиската дипломатија, таа е црвената линија за нашиот национален и етно-културен идентитет

Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски во денешното издание на Дневникот на Сител телевизија посочи дека резолуцијата се црвените линии во односите со соседна Бугарија и таа треба што поскоро да се стави на дневен ред во Собранието и во иднина да биде обврска за секоја следна влада. Околу менувањето на позициите на власта за Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ тој истакна дека Заев не би бил Зоран доколку не ги менува ставовите и позициите.

-Пред една недела велеа дека резолуцијата е хир на ВМРО-ДПМНЕ, потоа кога видоа дека во јавноста има добар одек го сменија ставот и рекоа дека ќе ја подржат таква каква што е, за вчера да слушнеме дека на Заев не му пречи содржината туку му пречи формата. Ќе кажам едно. Оваа резолуција не се однесува на Грција, не се однесува на Преспанскиот договор. Резолуцијата се однесува на спорот со Бугарија. Нешто што граѓаните во Македонија ги обедини околу црвените линии. Дека не треба да се преговара за идентитетот, за јазикот, за толкувањето на историјата, истакна Милошоски.

Од друга страна, оваа предлог Резолуција не е на ВМРО-ДПМНЕ по содржина продолжи тој, туку е еден сублимат на еден научен и дипломатски труд на МАНУ и на УКИМ.

-Оваа содржина е сериозна и над партиска и добро е сите да ја подржиме. Нашиот апел до СДСМ и господинот Заев е да не се спинуваат главните поенти на оваа резолуција, да се сконцентрираме на нејзината содржина и претседателот на Собранието што побрзо да ја стави на дневен ред. Ние како ВМРО-ДПМНЕ сакаме Резолуцијата да биде црвената линија на Република Македонија на нашиот национален и етно-културен идентитет, што ќе биде обврска за секој идна влада да нема пазарџиска дипломатија со Бугарија, изјави Милошоски.

Најнови вести