сабота, 3. февруари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Милошоски: ВМРО-ДПМНЕ преку интерпелација бара одговорност од Никола Димитров

Милошоски: ВМРО-ДПМНЕ преку интерпелација бара одговорност од Никола Димитров

ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерпелација за одговорност на вицепремиерот за евроинтеграции, Никола Димитров.

Пратеникот Антонијо Милошоски кажа дека ја поднесуваат интерпелацијата затоа што Димитров не го почитувал Собранието, не постигнал никаков успех, како и поради, како што рече, пасивноста на секретаријатот за европски прашања.

Во продолжение следува интегрален текст од прес-конференцијата на Милошоски:

Денес би сакал да ја најавам Интерпелацијата која што ќе ја поднесеме денеска за одговорност на вицепремиерот за евроинтеграции господинот Никола Димитров како член на Владата.

Но пред да ги образложам причините за негова интерпелација, дозволете ми од име на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за „Обнова на Македонија“ да се заблагодарам до Словачка и до Чешката Република за нивниот принципиелен став по однос на тоа дека Европската Унија не може и не смее да биде судија кој ќе пресудува за историската вистина помеѓу два европски соседи. Став којшто се совпаѓа со нашата позиција како политичка партија уште во 2017 година кога упативме токму ваква критика до актуелната Влада пред да го потпише договорот со соседна Република Бугарија.

По однос на Интерпелацијата за заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров имаме неколку основи.

Првиот основ којшто е многу сериозен е неговото непочитување на Собранието. Никола Димитров е еден од ретките министри во Европа, со исклучот на министерот можеби во Белорусија, којшто не се одзива на покани на пратениците во Собранието. Досега не се случило во 30 години независна Република Македонија, министер и член на Владата да не се одзве на поканата на пратеници и да дојде да учествува во работата на одредена комисија во Собранието, што е Уставна, би рекол обврска и задача на секој еден минситер да биде отчетен пред Собранието, пред пратениците и се разбира пред граѓаните и пред јавноста.

Втората причина за интерпелација на Никола Димитров е неговиот неуспешен исход во изминативе 100 дена но и во изминативе 2 ипол години во континуитет. Што значи овој континуитет? Од 2018 година па потоа 2019, 2020 година токму Никола Димитров како член на Владата тврдеше дека Македонија добила одлука за безусловен почеток на преговорите за членство со Европската Унија што требаше да биде означена со првата македонско-европска меѓувладина конференција. За жал гледаме дека претседателството на Сојузна Република Германија во 2020 година заврши без заклучоци за Македонијија, а немаше ниту одлука за почеток на преговорите и за првата меѓувладина конференција што цениме дека самиот овој исход на немање на одлука потврдува дека министерот Никола Димитров ја доведувал во заблуда јавноста во Македонија исто така и Собранието тврдејќи дека имаме одлука за безусловен почеток на преговорите. Според тоа би требало да сноси политичка одговорност.

Доколку би имал повеќе морал или европски стандарди и самиот веројатно би си поднел оставка, но доколку истите ги нема тогаш Собранието е тука да го искористи овој Уставен и деловнички механизам.

Третата причина е пасивноста на секретаријатот за европски прашања. Ние видовме дека при формирањето на Владата беа доделени таканаречени мандатни писма каде што секој член на Владата се пофали, барем пред камерите, дека има одредени задачи кои треба да ги реализира во првите 100 дена. Гледаме дека некои министри даваат отчет за сработеното, но членот на Владата и заменик претседател за евроинтеграции Никола Димитров во изминативе 100 дена не даде никаков отчет за работата на секретаријатот за европски прашања којшто е прилично пасивизиран и гледаме дека во јавноста нема ниту еден потег којшто го направил во интерес на граѓаните или на државата.

Тоа се тие причини 3 причини коишто сметаме дека се доволен аргумент за Интерпелација и за изгласување на недоверба за работата на вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров.

Најнови вести