Во Собранието постои комуникација помеѓу сите политички партии, она што сме го забележале во Собранието е дека одредени пратеници кои припаѓаат на владејачката коалиција веќе праќаат сигнали дека се незадоволни од начинот на кој се управува Македонија особено од страна на извршната власт и испратените сигнали до нас како поголема опозициона партија е дека некои структури внатре и во СДСМ и ДУИ размислуваат за можни предвремени избори како опција за тестирање на легитимитетот кај граѓаните, изјави пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски во вечерашното гостување во централниот дневник на телевизија Сител во „Тема на денот“.
Милошоски потенцираше дека одредени пратеници од СДСМ веќе се под притисок од страна на извршната власт.
„Одредени незадоволни пратеници од страна на СДСМ кои предвремените избори ги гледаат како опција веќе добиваат повици од повлијателни фигури во извршната власт за да го преиспитаат своето мислење односно се под благ притисок да го сменат мислењето за предвремени парламентарни избори“, рече Милошоски.
Тој посочи дека инцијативата за интерпелација на владата не е исклучена.
„Опцијата за иницијатива на недоверба на владата е во игра, како една демократска алатка каде може да се канализира ова незадоволство на граѓаните и поголем број на пратеници“, вели Милошоски.
Милошоски смета дека има пратеници од СДСМ кои би поддржале таква интерпелација за недоверба на владата но истовремено смета дека дел од тие пратеници последните денови се под одреден притисок на луѓе од извршната власт да го променат своето мислење или барем да се воздржат.