сабота, 25. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Министерката Шукова ќе дојде на протестот за Иловица: Лично сум против нови рудници

Министерката Шукова ќе дојде на протестот за Иловица: Лично сум против нови рудници

Министерка за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, најави дека ќе присуствува на протестот против рудникот во Иловица, кој е закажан за утре во 11 часот во Струмица.

Министерката ја разбира загриженоста на граѓаните и лично вели дека е против нови рудници во државата, но го повтори ставот на Владата дека спојувањето на концесиите за Иловица е од административна природа.

„Јас ќе се придружам утре во Струмица. Сакам да ги слушнам граѓаните и сакаме да бидеме дел од овој процес. Владата, во координација со премиерот и со другите министри повторно ќе ја разгледа одлуката за спојување на двете концесии, иако, тоа во принцип не значи зголемување на концесискиот обем, туку административно спојување на две концесии“, рече Шукова, додавајќи дека сме мала држава и земјоделието треба да ни биде приоритет.

Зад утрешниот протест стои Иницијативата „Здрава котлина“. Активистите повторно се кренаа на нозе по информацијата која беше објавена во Службен весник дека Владата на седница ги споила концесиите. Според одлуката, се спојуваат концесијата за експлоатација на злато и бакар во с. Иловица во Општина Босилево заедно со концесијата за експлоатација на минерална суровина злато и бакар во Општина Босилево и Општина Ново Село. Ова се случи откако Управниот суд ја уважи тужбата на компанијата „Еуромакс“ против владината одлука за раскинување на договорот за една од концесиите за рудникот „Иловица-Штука“, а Вишиот Управен суд го врати предметот на повторно одлучување.

Од Министерството за економија порачаа дека не се менува фактичката состојба, туку се изменети координатите на доделените концесии во насока тие да преставуваат една целина. Велат станува збор за административна постапка со која само технички се спојува просторот на веќе доделените концесии. Министерството уверува дека рудник без согласност на граѓаните нема да има.

Најнови вести