Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија е коренот на сите проблеми и затоа е потребен референдум и мобилизација на народот против него. Не може само Македонија да прави нешто, а Бугарија да условува“, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски во „Вечерно шоу со Богдан Илиевски“ на Алфа телевизија.
Мисајловски истакна дека власта со овој Договор прифати се што не требаше да се прифати, и ако не се прекине последиците ќе се влечат постојано и тие преговори со ЕУ може никогаш да не завршат, односно тоа ќе биде пат кој никогаш нема да се изоди бидејќи токму овој Договор прави пречки.
„Прифатија се што не требаше да прифатат, и од таму потекнуваат сите проблеми, потекнува заедничката историја и затоа овој Договор е трулото нешто во преговарачката рамка,а Бугарија секогаш може да направи вето. Бугарија може да услови да се прифати Гоце Делчев дека е Бугарин, или ќе стави вето. И не само за Гоце Делчев, туку за сите од организацијата и се понатаму во историјата. Затоа мораме со целосна мобилизација на народот против овој договор“, рече Мисајловски.
Мисајловски посочи дека народот за вакви важни прашања мора да биде прашан и да го каже својот став, бидејќи СДСМ и ДУИ на избори не излегоа со ваков предлог, туку потоа го донесоа, затоа е добро и со референдум да има избори.
„Народот треба да се изјасни за овие работи. Затоа најдобро е кога ќе има референдум да има и избори. Ние ќе се потрудиме да ја мобилизираме цела Македонија, ако успее иницијативата, ако власта не ја одбие, иако има други механизми како да се продолжи. Договорот со Бугарија мора да се укине, и секогаш може да се преговара подобро“, потенцираше Мисајловски.
Мисајловски нагласи дека ако излезе македонскиот масовно во што поголема бројка референдумот ќе биде успешен.
„Ќе остане трага за секоја влада да знае што треба да се направи. Ќе биде порака дека народот сака тој договор да се поништи“, рече Мисајловски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема по ниедна цена да прифати уставни измени со цел внес на Бугарите во Уставот.
„Сите граѓани нека знаат дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати уставни измени, не ги прифаќа со цел внес на Бугарите во Уставот“, рече потпретседателот.
„Значи 44 пратеници се потпишани на иницијативата за Референдум и тоа треба секој да го знае. И оние сите тези кои што ги кажуваат политичарите од СДСМ нема да им се остварат. Ова е важен чекор за да видат граѓаните дека ние пратениците сме сплотени како пратеничка група“, рече Мисајловски.