Целта на активната блокада на Собранието од ВМРО-ДПМНЕ е да се видат сите погрешни политики, да ни се дозволи нам како парламентарци да говориме, да ги потенцираме сите забелешки што ги имаме кон СДСМ, а и јавноста да го види лицето на спикерот Талат Џафери, рече во гостувањето во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Владо Мисајловски.
„Ние, пред да ја започнеме оваа активна блокада, најавивме и пакет мерки, односно побаравме и од СДСМ и од сите партии да направиме посебни работни тела каде што ќе разговараме за многу закони и оние што се добри заеднички да ги изгласаме, да ги поставиме на посебни седници, да разговараме за здравството, за образованието, за економијата, за сè што е потребно… Но, нема разбирање“, вели Мисајловски.
Според него, легитимно е што едно од барањата на ВМРО-ДПМНЕ е да има предвремени парламентарни избори бидејќи, како што рече, од кога оваа влада е на власт државата постојано се соочува со кризи.