Министерката Царовска на собраниска седница коментираше проекти од предизборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ. Таа како вчера прв пат да слушнала дека ВМРО-ДПМНЕ во својата предизборна програма предвидува дигитализација во образовниот систем, што е неточно, бидејќи според изјавите на Министерката во изминатите месеци е сосема јасно дека нејзините служби, а и таа интензивно ги следат нашите соопштенија. ВМРО-ДПМНЕ на секој свој настап повторува и информира дека не е против дигитализација, изјави денеска за медиумите портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Митева тврди дека во континуитет ја подржува дигитализацијата во образованието уште од проектот Компјутер за секое дете и е-платформата на која се поставени учебници во ПДФ формат.
– Дел од овие учебници деновиве не им се достапни на учениците поради неспособноста на министерката да го реши проблемот со авторските права на издавачката куќа. ВМРО-ДПМНЕ е силно против укинување на печатени учебници и причините за тоа постојано ги образложуваме.Еве ја најновата: На веб страната на МОН стои објава со наслов “Апелираме училиштата и општините да ги исплатат прекувремените часови работа на наставниците, МОН редовно ги уплаќа средствата“, посочи таа.
– Токму за оваа состојба зборуваме 6 месеци. МОН ги уплатило средствата, а општините не ги исплаќаат. За ова предупредуваме во врска со изјавите дека:
училиштата ќе бидат задолжени да создадат библиотечен фонд на таблети,
училиштата ќе бидат обврзани да ја испечатат книгата и да обезбедат интернет.
Ние велиме: Училиштата ќе бидат задолжени но нема да го сторат тоа, од многу реални причини и како што сега не ги префрлаат средствата за да се исплатат прекувремените часови, така нема да ги префрлаат ни во иднина, појасни Митева.
– Ваква Ви е ситуацијата во образованието министерке и Вие тоа го знаете. Затоа Ве разбираме што вчера надмено им се обраќавте на пратениците, наместо да ги слушнете пораките кои Ви ги испраќаат и не заради Вас, туку заради иднината на нашите деца и нашата татковина, додаде таа.