Во однос на прашањето за спорот на Бугарија со Македонија имам чувство дека преговорите на ЕУ ќе се сведат на барањата од страна на Бугарија, а не на реформи кои и се потребни на Македонија. Како партија постојано алармираме дека позади ова барање кое е пред јавноста дека станува збор за вметнување на Бугарите во Уставот, се крие нешто друго за што се преговара, изјави Марија Митева член на ИК и портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ за Анализа на 24 Телевизија.
Таа појасни дека се работи за тоа што постојано го говори ВМРО-ДПМНЕ дека се тргува со македонскиот јазик и идентитет и дека преговорите се однесуваат во таа рамка, а не тоа со внесување на Бугарите.
– Колку и власта да не трга на страна будно ги следиме работите, колку и да ги кријат информациите кои ги дознаваме од медиумите, наместо владата да биде транспарентна. Како политичка партија сме за решени и даваме конструктивност, но не за решение кое ќе задира во македонскиот национален идентитет или кое ќе задира во јазикот, нагласи Митева.
Таа посочи дека неконзистентните ставови на власта на СДСМ и ДУИ се гледа по тоа што премиерот одбива да седне на маса да се изгради национален консензус, а и по тоа што ја одбија Декларацијата за Гоце Делчев, но и не одговараат за писмените гаранции кои треба Македонија да ги побара.
– Ако на премиерот му нудиме да седнеме и да изградиме национален консензус по однос на најважното прашање и тој истото го одбива преку политичката партија, тогаш нема ли да биде легитимно прашањето за што се преговара кога од Бугарија ги имате цврстите ставови по однос на јазикот и историјата. Една работа е дипломатија, а друго е за што се преговара и се задира во македонските национални интереси бидејќи како држава имаме црвени линии со Резолуцијата во Собранието. Зошто власта не прифати Декларација за Гоце Делчев која нема ништо спорно и беше исполитизирана. Зошто не одговорат дали треба да се побараат писмени гаранции или не, вели Митева.