петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Митева: Власта го лаже народот, следува енормно поскапување на цената на струјата, најголемиот број од домаќинствата ќе плаќаат и двојно поскапа струја

Митева: Власта го лаже народот, следува енормно поскапување на цената на струјата, најголемиот број од домаќинствата ќе плаќаат и двојно поскапа струја

После денешните објави на новите цени едно е јасно: РКЕ е надвор од реалноста и од страдањата на овој народ кој едвај врзува крај со крај. Власта повторно удри по џебот на граѓаните. Најголемиот број од домаќинствата, согласно тарифните блокови 3 и 4 ќе плаќаат и до 138% поскапа струја. Тарифниот модел кој го воведе власта е само маска за новото поскапување кое ќе стапи на сила од 01 јули. Зад неразбирлива пресметка за граѓаните се обидуваат да го протнат енормно високото поскапување на цената на електричната енергија, посочи портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

Во продолжение следува интегрален текст од нејзината прес-конференција: 

Еве за колку ќе се зголеми струјата кај сите 4 блок тарифи:

БЛОК ТАРИФИ ( kW/h) за домаќинства

Прв блок 0-210 kWh – зголемување од 5,5%

Втор блок 210-630 kWh – зголемување од 10,3%

Трет блок 630-1050 kWh – зголемување од 18,3%

Четврт блок 1050 > kWh – зголемување од 138,7%

Нема ниту „Н“ од она намалување на цената за кое не лажеа деновиве.

Најголем дел од домаќинствата се наоѓаат во вториот и третиот блок и тие ќе имаат покачување од 10,3%, односно 18,3%. Ваква катастрофална енергетска политика не може да помине неказнето.

Ни помалку страшна не е и состојбата кај малите потрошувачи ( институции, дуќанчиња, мали бизниси со помалку од 50 вработени и два милиони евра годишен приход).

Зголемувањето на цената ќе предизвика колапс на нивните бизниси. Имено, кај нив со новиот тарифен систем се дефинира т.н. висока тарифа од 13,794 ден/kWh и ниска тарифа од 10,116 ден/kWh, кои се за 4-5 пати повисоки од досегашните. Со ова најголемиот товар од поскапувањето освен домаќинствата од втор, трет и четврт блок, годинава ќе го понесат и малите потрошувачи со оваа неколкукратно зголемена цена.

Со едноставна анализа може да се утврди дека потрошувачката на просечно четиричлено семејство е значително поголема од 210 киловатчасови месечно. Имено, домаќинствата кои до вчера плаќале 3000 денари сметки за струја, од први јули ќе плаќаат сметки над 3.600 денари. Оние пак, кои плаќале 4.000 денари сметка за струја, од први јули ќе плаќаат околу 5.000 денари. Од пресметките може да се констатира дека практично е невозможно потрошувачката на електрична енергија да биде под 210 киловатчасови месечно, односно дека најголем дел од семејствата – потрошувачите ќе бидат во Блок 3 или во Блок 4.

Воедно, во четвртиот блок кој стартува од 1050 потрошени киловатчасови месечно цената на киловатчас ќе биде повисока за 138%. Тоа значи дека ако некој плаќал 4.800 денари струја од 01.07 ќе плаќа 11.424 денари. Тие што плаќале 5.500 денари од 01 јули ќе плаќаат 13.000 денари. Ова е реалната пресметка која власта невешто се обидува да ја сокрие и не сака да ја каже на граѓаните.

Ова е вистински масакар врз домаќинствата кои се греат на електрична енергија, особено ако се земе во предвид дека во изминатиов период преку мерки беше стимулирано греењето на инвертер клими како опција за греење на домаќинствата доколку тие извршат замена на нивните грејни тела на дрва со таканаречени инвертер клими. Така истите во зимскиот период од октомври до април ќе плаќаат 138% поскапа струја, а со тоа греењето на нивните домови ќе стане практично невозможно.

Затоа што оние домаќинствата кои за греење на струја плаќале сметки од 12.000 денари во грејниот период сега ќе треба да плаќаат 28.560 денари.

Претставници од власта, одговорете и на целата македонска јавност кое е тоа семејство кое што само за струја и греење за 7 месеци во годината може да ги плати овие сметки.

Одговорете и на македонската јавност како преку стимулативни мерки за намалување на загадувањето ќе ја претворите Македонија со енормно загаден воздух затоа што сите домаќинствата ќе бараат најевтин начин за затоплување на своите домови и повторно ќе ги вратат во функција грејните тела на дрва.

Почитувани граѓани, ова се услови на криза кои оваа влада ги создава. Ова се тие таканаречени мерки кои ги оставаат граѓаните на цедило кога им е најпотребна вистинска помош. Со новата цена на струја, платата на луѓето нема да биде доволна само за плаќање на сметките.

И залудно се обидуваат да го сокријат вистинското поскапување на цената преку вадење на просек од 7,4% за првите три блок тарифи. Дури и со ваква пресметка не успеваат да го купат социјалниот мир во општеството.

Ова е вистинската пресметка која сите ние ќе ја видиме за многу брзо од денес.

Најнови вести