Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф. д-р Христијан Мицкоски денеска заедно со Стефан Андоновски, секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ остварија средба со амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија, Дирк Јан Коп.
На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба, како и евроинтегративниот пат на Македонија.
Претседателот Мицкоски истакна дека односот на бугарските власти кон Македонија и негирањето на македонскиот идентитет, само ја засилуваат ескалацијата на лошите односи помеѓу двете држави, потенцирајќи дека пристапниот пат на државата кон Европската унија не смее да личи на пазар со земјоделски култури на кој се продава и се купува македонскиот идентитет.
Мицкоски го информираше амбасадорот Јан Коп, за високиот степен на корупција и криминал од високи владини функционери, како и дека граѓаните предолго се изложени на лаги од владата на СДСМ и Димитар Ковачевски, укажувајќи дека потребно е одржување на предвремени парламентарни избори и нова влада со луѓе кои ќе стојат зад дадениот збор и ќе ги исполнуваат ветувањата.
Воедно, претседателот Мицкоски се заблагодари за поддршката и ангажманот од страна на Кралството Холандија, изразувајќи верување дека ќе продолжи соработката и партнерството меѓу двете држави.