Вечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р Христијан Мицкоски се обрати пред граѓаните во Битола при што нагласи дека нема да се смири се додека нема одговорност за секој кој што се огрешил и да се спроведе правда.
„Луѓе кои имаат потреба за сигурност и стабилност, а која ја немаат, лутината поради која мотивираните да успеат стануваат неуспешни, не затоа што тие не се квалитетни туку затоа што системот ги направил таков. Луѓе чии семејствата се раслојуваат, си заминуваат во потрага по се она што тука не може повеќе да го најдат, сигурност, среќа, иднина“, рече Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека се повеќе горди и достоинствени луѓе кои се со наведната глава затоа што денешното време на мака, страдања, системот во распаѓање им кажува дека Македонија која е нивна, е одземена од една каста, една клика составена од малкумина обединети не по идеологија, или вредности, туку по неспособност, желба за крадење и лични кариери. Луѓе кои сметаат дека го имаат природното право само бидејќи се таму каде што се да управуваат со туѓи судбини, да водат битки со туѓи синови и ќерки, и на секоја заедничка загуба тие, сите заедно, да имаат добивка.
„Тие мислат дека имаат право на се, но тоа право не е природно стекнато, туку присвоено, отуѓено, украдено и затоа сум тука во Битола, да им порачам на таа клика, на таа каста дека Македонија не е само нивна, таа е и моја, многу повеќе наша заедничка, на напатениот и горд народ чија самодоверба ја рушат, ја уриваат секоја надеж, за да може полесно да владеат. И затоа, треба добро да знаат. Ова е Македонија,ова е Македонија за сите, Македонија на секој еден човек, моја, ваша, единствена. И дека за Македонија и сите нејзини луѓе ќе ја промениме оваа власт, и дека ќе победиме. И таа победа ќе биде за секој еден човек кој го потурнуваат настрана, кој го обесправуваат.“, порача Мицкоски.
„Таа победа ќе значи испорачување на порака од народот до кастата на власт составена од еден главен изведувач, а тоа е Демократската Унија за Интеграција, и подизведувачот, помалиот коалиционен партнер, а тоа е СДСМ и неколку негови чираци. И да, ќе има одговорност за секој криминал, за секоја неправда, за секоја солза на македонската мајка, нејзино чедо и работник на чиј грб тие печалат пари. Нема да се смирам додека не го вратат украденото и додека не одговараат пред законите. Не само победа над нив, туку и одговорност! Мора да има одговорност“, укажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.