Ценам дека соопштенијата и фотографиите од средбите со дипломатските претставници не треба да бидат ПР-алатка или циркуска атракција. Важна е суштината со која ние комуницираме – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на прашањето зошто јавноста не се известува за неговите средби со американската амбасадорка.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека се среќавал со американската амбасадорка Анџела Агелер, а на прашањето – зошто нема соопштенија или фотографии од тие средби, одговара:
„Мене ме прашувате зошто? Па, јас конкретен одговор на тоа прашање немам да дадам.“
Сепак, во продолжение на одговорот тој вели дека на средбите што ги има со меѓународниот фактор најважна е содржината, а не формата.
„Ценам дека соопштенијата и фотографиите од средбите со дипломатските претставници не треба да бидат ПР-алатка или циркуска атракција. Важна е суштината со која ние комуницираме“, одговара претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
На забелешката дека, сепак, од средби со други дипломати има соопштенија, Мицкоски вели:
„Има многу дипломати за кои не сум издал ниту соопштение ниту фотографии. Инаку – да, имам средби со амбасадорот Агелер. Што сме разговарале и како сме разговарале на тие средби од затворен карактер, нормално, јас во јавноста или во ова интервју нема да кажам и нема никогаш средбите да ги претворам во циркуска атракција“.
Во интервјуто за „360 степени“, лидерот на ВМРО ДПМНЕ рече дека јавноста не смее да има недоверба во него и во партијата што ја предводи.
„Имајте доверба, ВМРО-ДПМНЕ и јас лично нема да отстапиме од стратешките и национални интереси на Македонија и на македонскиот народ“, рече Мицкоски во овој сегмент од разговорот.