Ако појдете денеска и на двете локации каде што се детонираше динамит, симболично отпочнувајќи ја градбата, јас ви гарантирам, еве денеска појдете од тука, нема да најдете градежни машини. Е еве од тука, вие сте медиуми појдете и ќе видите дека таму нема да најдете градежни машини, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Мицкоски ова го истакна од општина Бутел, каде што присуствуваше на увид на градежни работи во рамките на активноста „Ова е Македонија за сите“, при што од новинарите беше прашан за коментар на најавите на премиерот Димитар Ковачевски, дека Коридорите 8 и 10Д, за кои власта пред неколку дена обележа започнување на градежни активности, ќе се градат со полна пареа.
Мицкоски посочи дека она што е пострашно е тоа што за главен подизведувач на овие проекти е избрана фирма која е партиски донатор на албанската владејачка партија ДУИ.
„Она што е уште пострашно е што главниот изведувач, односно подизведувач на овој проект е партиски донатор на Демократската унија за интеграција или фирма поврзана со нив. Тоа е онаа суштина каде што јасно се гледа коалицијата помеѓу политичките криминалци и вистинските криминалци, е сега тука имаме и бизнисмени во целиот овој трилинг. Тоа е суштината. Појдете еве од тука, јас ве повикувам да појдете да видите дали воопшто имаме градежна оператива и дали тоа таму се гради“, рече Мицкоски.