Министерството за одрана „го закопа“ премиерот Димитар Ковачевски. Документот кој денеска го презентираше Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ е вистинит, но е државна тајна дека Ковачевски е трајно неспособен.
Димитар Ковачевски, премиер на Македонија, го избегнал отслужувањето на воениот рок, правдајќи се со лекарско мислење дека е ТРАЈНО НЕСПОСОБЕН за служење војска. Ова е документот, извадок од евиденциона книга на АРМ, објавен на социјалните мрежи. Од овој документ јасно се гледа дека Ковачевски од страна на лекари е прогласен за ТРАЈНО НЕСПОСОБЕН, истакна на прес-конференција Ковачки.
Од Министерството за одбрана истакнуваат дека документот има класификација „строго доверливо“.
-Документот кој е објавен на социјалните медиуми и презентиран од политичка партија, по првичната проверка претставува документ кој во документација на Министерството за одбрана и Армијата првично е заведен како документ со печат „воена тајна“ а подоцна по носењето на Законот за класифицирани информации, добива класификација “строго доверливо“, велат за Канал 5 од Министерството за одбрана и додаваат дека согласно своите надлежности, постапувајќи по Закон и штитејќи ги интересите на државата и на граѓаните, отвора постапка за утврдување на одговорност за несовесно ракување и неовластено објавување на документи со класифицирана содржина.
Според ВМРО-ДПМНЕ или Ковачевски го злоупотребил влијанието на татко му кој тогаш бил градоначалник на Куманово и партиски функционер на СДСМ и добил лажно лекарско мислење, или тој навистина е ТРАЈНО НЕСПОСОБЕН.
-Доколку Ковачевски не лажел и не се служел со измама, тогаш ние за премиер на државата имаме ТРАЈНО НЕСПОСОБЕН човек, а самата дијагноза кажува дека неговата неспособност не може да се отстрани, т.е. дека таквата состојба кај него е трајна, што значи дека истата може само да се влошува. Доколку Ковачевски лажел за својата здравствена ситуација, тогаш ние на чело на државата имаме патолошки лажго. Ако лажел да избегне служење војска правејќи се ТРАЈНО НЕСПОСОБЕН, тогаш не можеме ниту да претпоставиме за што се’ друго би лажел. Доколку пак Ковачевски навистина е ТРАЈНО НЕСПОСОБЕН, не знаеме дали таа состојба кај него прогресирала и дали тој е целосно функционален да ги извршува државничките задачи. И во двата случаи, односно и доколку лажел, и доколку е ТРАЈНО НЕСПОСОБЕН, Ковачевски како премиер е опасност за државата. Ковачевски мора да си даде оставка. Македонија не смее да биде водена од премиер кој е или патолошки лажго или е ТРАЈНО НЕСПОСОБЕН, подвлече Ковачки.