четврток, 7. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

МВР: Лажни се сите денешни дојави за бомби

МВР: Лажни се сите денешни дојави за бомби

Лажни се сите денешни дојави за бомби, соопшти Министерството за внатрешни работи.

-Направени се сите потребни проверки во врска со денешните пријави од училишта и други објекти во Скопје и Кавадарци, кои добиле порака на електронската адреса со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави, информира МВР.

Од Министерството додаваат дека веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки.

Претходно МВР потврди дека дојави за бомби денес преку електронските адреси добиле девет училишта,  Министерството за надворешни работи, ГТЦ, Џевахир сити, ТЦ Ист гејт. Пријава за поставена бомба утринава имало и во едно основно училиште во Кавадарци.

По денешните дојави за бомби се оглас и актерката Весна Петрушевска која ги повика властите да си поднесат оставки поради постојаните дојави за бомби и неспособноста за пронаоѓање на лицата или лицето и расчитување на случаите.

-Имате ли памет, бре. Девет средни училишта, трговски центар, Џевахир сити. Три месеци не’ малтретирате со вашата неспособност, дојави за бомби. Побарајте помош од странски служби, од било каде и дадете си оставки. Ова е ненормална работа што вие се правите. Колку сте вие неодговорни, неписмени и недоветни. Луѓе се во прашање, деца. Секое дете оди под стрес кога оди на училиште поради дојави за бомби. Три згради се симнавме долу, не знаете колку е тоа одвратно и страшно, со сирени, стари луѓе кои не можат да одат, не можат да се симнат. Не смеете лифт да употребите. Важно има секој ден дојава за бомба, а вие ништо не правите. Можеби и правите, не знам, ама не ве гледам дека правите. И дајте си оставки нека дојдат некои кои повеќе знаат, порача Петрушевска.

Најнови вести