Не е утврдена било каква кражба на електрична енергија во ГТЦ во Скопје и не постојат елементи за сторено кривично дело, бидејќи копањето на крипто валути не претставува кривично дело предвидено во Кривичниот законик, информираа од МВР.
Оттаму посочуваат дека А.М. денеска во 14:45 часот во СВР Скопје пријавил дека во магацините на ГТЦ имало поставено машини за копање крипто валути односно дека заради наводна интернет трговија со крипто валути, извесни лица извршиле кражба на електрична енергија, со цел да го опслужат неопходниот капацитет на нивните компјутерски машини неопходни за трговија со крипто валути.
-Полициски службеници веднаш излегоа на лице место согласно пријавата, извршија разговори со одговорни лица на ГТЦ и со претставници од ЕВН, при што утврдија дека за броилата, кои се во приватна сопственост, не е утврдена било каква кражба на електрична енергија, по што е утврдено дека не постојат елементи за сторено кривично дело, казниво согласно Кривичниот законик, соопштија од МВР.
Од МВР потсетуваат дека и во август 2021 година по претходно добиен оперативен податок за истото кривично дело „кражба на електрична енергија”, исто така е постапувано од страна на полицијата на истата локација и не е констатирана кражба на електрична енергија, ниту се лоцирани компјутери за копање на крипто валути.
-Копањето на крипто валути не претставува кривично дело предвидено во Кривичниот законик на РСМ, велат од МВР.