четврток, 30. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

На МТСП му требаа шест часа да одговори: Кој, каде и како може да аплицира за парична помош за второ дете?

На МТСП му требаа шест часа да одговори: Кој, каде и како може да аплицира за парична помош за второ дете?

Се проширува правото на користење на еднократна парична помош за новороденче и се дава можност на истото и за второродено и за третородено дете.

За второродено дете државата еднократно ќе исплаќа по 20.000 денари.

Бидејќи ова се единствените информации кои беа истакнати пред јавноста, родителите ваквата најава ја сфатија како прикривање на тоа колку е лоша одлуката за прекин на мерката која важеше за третородено дете.

КУРИР, по барање на читателите, побара одговори од МТСП, поставувајќи едноставни прашања на оваа тема. Кој, каде и кога може да аплицира, но и кои документи се потребни.

Цели шест часа, службите задолжени за оваа тематика во Министерството не најдоа време на истите да одговорат.

Беше потребно буквално инсистирање од КУРИР, вработени во МТСП да си ја сработат работата за која се платени од џебот на граѓаните.  На крај ни испратија одговори кои веќе ги имаат закачено на образецот кој можете да го погледнете и во продолжение.

Освен дел од документот, ни испратија 4 реченици кои ги нема во истиот. Повторуваме, 4 реченици за кои им беа потребни 6 часа да ги испратат.

Бидејќи ни беше објаснето дека за вакви одговори некогаш е потребно да се чека и многу подолго време, ја користиме оваа прилика да се заблагодариме на брзиот и исцрпен одговор.

Информациите кои ги добивме, ви ги пренесуваме во продолжение:

-Со спроведување на социјалната реформа, пакетот закони кои ја влучуваат и оваа мерка се веќе стапени на сила. Конкретно, согласно последните законски измени на Законот за заштита на децата, правото на еднократна парична помош за новороденче се обезбедува на семејство како за прво така и за второ новородено дете. Висината на еднократната парична помош за второ новороденче изнесува 20.000 денари и се однесува за сите деца родени од 23.05.2019 година кои ги исполнуваат и другите предвидени услови согласно законот. Ова право се остварува по поднесено барање до Центарот за социјална работа надлежен за подрачјето на кое мајката има живеалиште, односно престојувалиште, се наведува во одговорот на МТСП.

Барањето за остварување на правото на еднократна парична помош можете да го превземете ТУКА.

Во ова барање е наведено:

Документи кои треба да се достават со барањето се:

1.Важечка лична карта на мајката – се доставува на увид за докажување на идентитетот, државјанството и постојаното место на живеење на мајката од најмалку 12 месеци непрекинато на територија на Република Македонија до денот на раѓањето на детето. Доколку подносител на барањето е таткото се доставува важечка лична карта од мајката на детето на увид за докажување на постојаното место на живеење на мајката и важечка лична карта на таткото за докажување на идентитетот, државјанството и постојаното место на живеење од најмалку 12 месеци непрекинато на територија на Република Македонија до денот на раѓањето на детето и

2.Мајчина книшка на увид за мајката со копија на страници 3, 5 и 7 или потврда од избран лекар-специјалист по гинекологија и акушерство за редот на раѓање на детето/децата. За посвоено дете потврда дека мајката нема прво/второ живородено дете.

Во случај кога мајката не е државјанин на Република Македонија, а склучила брак со државјанин на Република  Македонија и има лична карта за странец издадена од Министерство за внатрешни работи, барањето за остварување на правото на еднократна парична помош за новороденче го поднесува таткото до Центарот за социјална работа надлежен за подрачјето на кое таткото има постојано место на живеење.

 

Најнови вести