понеделник, 6. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

На Табановце и Богородица задржување на приоритетната стока за извоз до час и половина

На Табановце и Богородица задржување на приоритетната стока за извоз до час и половина

На граничните премини Табановце и Богородица стапи во сила нов протокол со кој се воведува 24-часовен слободен коридор за приоритетната стока што се извезува од Македонија, со дополнителна лента за движење, наместо досегашните четири часа.

Со новиот Протокол за побрз проток на стоки, што го потпишаа денеска директорите на Царинската управа, Ѓоко Танасоски и на Бирото за јавна безбедност, Лазо Велковски, се очекува за извоз на жива стока, стока во свежа состојба, опасни материи, двојно да се намали чекањето на граница и тоа да биде максимум до час и половина.

Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, бенефит од протоколот ќе имаат извозниците на прехранбените земјоделски производи особено при извоз на жива стока и расипливи производи.

Николовски истакна дека се спроевдува нова политика за поголема конкурентност на домашните извозници на меѓународниот пазар.

– Сметаме дека нема никаква пречка со дополнителни  напори и интервенции да овозможиме 24-часовен проток на стоката, без да има потреба од никакви контакти  и комуникации, туку да биде решено системски и сите извозници да знаат дека ова прашање е регулирано и дека имаат приоритет, рече Николовски.

Како што објасни Танасоски, преку протоколот ќе се избегнат подолгите задржувања на граничните премини и ќе се овозможи брз и безбеден проток на жива стока, стока во свежа сосотјба, опасни материи, како и стока во новиот компјутеризиран транзитен систем и на празните камиони на премините Табановце и Богородица.

– На барање на деловната заедница слободниот коридор е во функција 24 часа. Слободниот коридор ќе може да се користи и за стоката во новиот компјутеризиран  транзитен систем, а транзитните документи  да се отвораат и во внатрешните испостави за да можат што побргу да ја поминат граничната линија, рече Танасоски.

Директорот на БЈБ Велковски најави дека со протоколот и координирана активност на полициските, царинските и инспекциските службеници, ќе се преземат сите мерки да не се дозволи чекањето на граничните премини за извозниците да биде повеќе од час до час и пловина.

– Наша обврска ќе биде  и при влез заедно со царинските  службеници да се овозможи приоритетно движење на граничната линија до царинските терминали на возилата на дополнителна лента. За таа цел во МВР сме подготвени да го зголемиме бројот на полициски службеници на граничните премини за да бидеме поефикасни во спроведувањето на протоколот, укажа Велковски.

Досегашниот протокол овозможуваше приоритетно пропуштање на возилата со приоритетна стока од 21:00 до 01:00 часот.

МИА

Најнови вести