Откако минатата недела во медиумите беше објавено дека владата во 2020 година исплатила 58 фактури за 58 хонорарци ангажирани од владата, денеска тие објавија список со 55 хонорарци на кои им исплатиле суми и до 60 илјади денари.
Владиниот портпарол Мухамед Хоџа на новинарско прашање дали Владата ќе ги објави имињата на ангажираните хонорарци, за кои објави „Призма“ минатата недела изјави дека тие не се тајни ниту анонимни, туку се ангажирани според одредби за лица од надвор со специфични ангажмани, но притоа не кажа за какви ангажмани се работи.
„Нема ниту тајни, ниту анонимни хонорарци, ниту тајно ангажирани административни службеници. Точно се знае за што Владата ангажирала физички лица надвор од редот на вработените, за кој временски период, со колкав финансиски надомест. Тие ангажмани се строго професионални и се реализираат во целост. Тоа се специфични ангажмани кои не може да се реализираат од редот на вработените и за нив не може да се отвори редовен работен однос и затоа се ангажирани привремено“, одговори владиниот портпарол минатата недела.
„Призма“ минатата недела, врз основа на фактурите добиени преку Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер што биле исплатени преку авторската агенција „Артпицк“ за декември 2020 година, објави дека Владата лани во декември ангажирала 58 луѓе, ама за разлика од вработените што се наведени со име и презиме, овие хонорарци се скриени, па, и покрај сите декларирани заложби за транспарентност, Владата инсистираше тие да останат – анонимни, се до денес кога го објавија списокот со хонорарците.
Сепак она што е спорно е тоа што наместо 58 на списокот се најдоа 55 хонорарци од каде се поставува и прашањето, кои се луѓето кои владата ги крие?
Листата можете да ја погледнете ТУКА.