Од полноќ во Србија може да се влегува без задолжителен ПЦР тест. Преку граничниот премин Табановце кај нашиот сосед до 14:00 часот влегле 1.657 граѓани од кои 1240 македонски и 417 странски државјани.
Од полициската станица за ГП Табановце информираат дека вкупно 1.295 граѓани влегле преку граничниот премин Табановце од полноќ до 14:00 часот, од кои 692 домашни и 603 странски државјани, информираа денеска од. Во истиот период излегле 1.657 граѓани, од нив дури 1.240 македонски и 417 странски државјани. Од граничниот премин информираат дека до 14:00 часот влегле и излегле 1.932 македонски државјани и 1.020 странски државјани или севкупно 2.952 лица.
Граѓаните од државата кои денеска се упатија кон Србија, велат дека се информирани за одлуката да се патува без задолжителен ПЦР тест и кажаа дека ќе ги посетат роднините во соседната држава.
Пред два дена владината прес-служба информираше дека во телефонски разговор помеѓу премиерите на двете држави, премиерката Ана Брнабиќ го информирала премиерот Заев дека од четврток, 14 јануари, Република Србија ќе го укине задолжителниот ПЦР тест за влез во Србија за граѓаните на Северна Македонија, со што, се наведува во соопштението, повторно ќе се обезбеди реципроцитет и обострана непречена комуникација меѓу граѓаните на двете земји./ МИА