Кралицата Елизабета Втора, беше составен дел од современата историја и сведок на неверојатни општествени пресврти и трансформации во изминативе 70 години. Нејзиното владеење беше сведок и светол факел врз планетарното освестување и транзиција кон демократски системи ширум светот.
Ваква телеграма со сочувство до целиот британски народ скрои и испрати Владата на Република Македонија откако беше официјално објавена информацијата дека по 96 години згасна животот на кралицата Елизабета.
Но, тоа не е сѐ. Веќе во следниот пасус веднаш под „планетарното освестување“, Владата пишува дека во овие трезвени моменти дава поддршка за кралот Чарлс Трети.
Во продолжение ви го пренесуваме владиното соопштение во целост:
„Во името на граѓаните и Владата на Република Северна Македонија оддаваме почит и длабоко сочувство до Владата на Обединето Кралство на Велика Британија и Северна Ирска и нејзиниот народ по повод смртта на нејзиното величество Кралицата Елизабета II.
Кралицата Елизабета II беше составен дел од современата историја и сведок на неверојатни општествени пресврти и трансформации во изминативе 70 години. Нејзиното владеење беше сведок и светол факел врз планетарното освестување и транзиција кон демократски системи ширум светот.
Истовремено во овие трезвени моменти даваме почит и поддршка за нашиот долгогодишен пријател, Кралот Чарлс III, заедно со новата Влада предводена од нејзината екселенција Лиз Трус, со надеж за понатамошна уште поинтензивна соработка помеѓу нашите пријателски народи“, наведено е во соопштението.