недела, 17. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Неизвесно со протоколот за НАТО – Џафери: Нема да го свикувам Собранието ако се распушти

Неизвесно со протоколот за НАТО – Џафери: Нема да го свикувам Собранието ако се распушти

Претседателот на Собранието Талат Џафери останува на ставот дека по неговото распуштање нема повторно да го свика парламентот за ратификација на протоколот за членството во НАТО. Доколку Шпанија за брзо време не формира Влада и ратификацијата на последната земја членка на Алијансата на НАТО протоколот се случи по распуштањето на Собранието Џафери на денешниот брифинг со новинарите рече дека ќе се чека нашиот парламент да го ратификува по завршување на изборите односно новиот парламентарен состав.

„Ако до 31 декември нема сигнали кои ќе бидат функционерите на техничката влада, ќе биде јасно дека изборите нема да се одржат на 12 април. Но откако ќе биде распуштен парламентот не треба да се свикува за евентуално ратификување на протоколот за членство во НАТО ако во меѓувреме Шпанија избере Влада и го ратификува кај нас тоа би го направило новиот парламентарен состав. Сепак најновите информации говорат дека во Шпанија Владата би можела да биде формирана во наредниот период и тоа остава простор протоколот да биде ратификуван и пред распуштањето на Собранието.“, вели Џафери.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска вели дека Собранието кое носеше тешки одлуки треба да го ратификува и протоколот за членство во НАТО. Рече дека е многу рано да се носат заклучоци и дека треба да се почека по Лондонскиот самит и доколку има некакви сигнали од Шпанија за формирање влада. Таа не очекува дека би можело да дојде до одложување на изборите туку доколку има потреба повторно да се свика и по распуштањето.

„Сметаме дека ќе биде можеби и лош имиџ за државата да прави притисок да прави дипломатски напори да телефонира кај сите кај кој може да телефонираме за да ја забрзаме ратификацијата од земјите членки и кога тие ќе завршат ние да кажеме „а сега ние ќе почекаме едно три-четири месеци сметам дека тоа вистина не е опција. Еден голем дел од членовите на Собранието па и од другите институции зборуваа за можноста да се свика Собранието и по закажувањето на избори бидејќи тој собраниски состав е функционален.“, изјави Шекеринска.

Изминативе денови протоколот за членство на нашата земја во НАТО го ратификуваше и Франција, но остана тоа да го стори уште Шпанија која по одржувањето на изборите се уште нема формирано Влада. По ратификацијата на Шпанија протоколот треба да го изгласа и нашиот парламент по што земјава и официјално ќе стане членка на НАТО.

Најнови вести