Македонските лекари незадоволни од условите на работа, пред се заради ниската плата се почесто се решаваат да го продолжат својот професионален ангажман во некоја друга европска држава. За овие состојби потврдуваат и алармантните бројки на Лекарската комора на РМ, бидејќи во првите десет месеци од 2017 година во странство заминале да работат околу 170 македонски лекари, пренесе Вечер.
Според претседателот на Лекарската комора на РМ, д-р Калина Гривчева-Старделова, тоа се лански бројки заклучно со 31 октомври, односно првите десет месеци. Но таа предупредува дека во следните три години уште повеќе ќе се намали бројот на лекари во Македонија поради нивно заминување во пензија.
-Не е само одливот на лекарите кои заминуваат во странство, присутен е и биолошкиот одлив, бидејќи значителен број од македонските лекари наскоро ќе заминат во пензија – предупредува д-р Гривчева-Старделова и дополнува дека веќе се чувствува недостиг на лекари гинеколози, анестезиолози и невролози.
Според неа, токму причина за тоа е што во некои болници во внатрешноста се одложуваат оперативните зафати или пак се закажуваат секој втор ден.
Најчестата причина што ја наведуваат лекарите што заминуваат во странство е економско-социјалната состојба, условите за работа и можноста за стручен развој.
Доколку се споредат бројките со кои располага Лекарската комора ќе се забележи дека пред три години многу помалку се барале потврди за заминување на работа во странство. Така, во 2014 потврди биле издадени на 98 лекари, а нешто поголема била бројката во 2011 година кога заминале 125 лекари, во 2010 – 80, во 2009 – 41, а во 2008 само 32.
Тие исто така посочуваат дека барања за потврдите за членство и за неосудуваност од Судот на честа многу се бараат, но тие немаат информации што се случува потоа со тие што ги бараат, односно не знаат дали успеале да се вработат во странство или не.
Во изминатите години нашите лекари одеа на работа најмногу во Словенија и во Германија. Според нивни сознанија земјата ја напуштаат млади лекари, но има и извесен број искусни специјалисти во позрели години. Според официјалната статистика на Државниот завод за статистика, во Македонија се регистрирани околу две илјади лекари. За да ги задржи лекарите во земјава се зафати и министерот за здравство Венко Филипче кој, штом седна во министерската фотелја, најави зголемување на нивните плати.
На стартот тој се сретна со претставници на синдикатите од областа на здравството. На заедничката средбата се разговарало за мерката за зголемување на паушалите за дежурства и на лекарите и на медицинските сестри кои треба да достигнат до 4.000 денари.